Колекцијата Hybrids (Хибриди) на двете млади студентки по моден дизајн, Вера Ангелакова и Искра Младеновска, кои го потпишуваат блогот Aesthetics Illustrated, под истото име ја создадоа првата колекција што премиерно ја претставија на модна ревија во рамките на BAFE во Белград, модна манифестација посветена на младите дизајнери од регионот. Сега паралелно со промовирањето на нивниот нов сајт, aestheticsil.com, ја открија и фотосесијата за Hybrids што ја направија во соработка со битолскиот фотограф Владимир Видановски. Едиторијалот е направен во просторот на „Јавна соба“, со манекенките Сара Крстевска и Лина Николовска.
Колекцијата Hybrids не е ограничена со сезони, туку претставува збир од несекојдневни парчиња облека создадени под еден концепт, „со што тежнее кон концептуално претставување, правејќи блур меѓу модата и уметноста“. Направена во црно-бела боја, колекцијата нуди алтернативни решенија во кроеви и форми, во неа доминираат проѕирен пластичен материјал и еколошко крзно, „Иницијалната инспирација за доаѓа од светската митологија, каде често наидуваме на херои чии тела се претставени како микс од повеќе ентитети, што секако си носат своја симболика. Точка на истражување и инспирација ни беше и ноќната пеперутка која влијаеше на колор картата, изборот на материјалите – винил и транспарентна мека пластика, користењето на еколошкото крзното како текстура“, објаснуваат Искра и Вера. (К.Т.)
Нема коментари