Дизајнерот Мите Занов, кој твори под името Zanov, ја претставува новата колекција Bleue наменета за сезоната есен-зима 19/20. Водечка инспирација е специфична нијанса на сината боја, препознатлива за делата на францускиот уметник Ив Клајн (International Klein Blue), што може да се забележи и во модниот диторијал што го подготви со фотографот Христијан Младеновски и моделите Мартина Марковска, Тамара Петковска и Мартина Давидовска.
-Бојата на небото и морето ме асоцира на длабочина, стабилност и самодоверба. За кроевите во колекцијата, како и за нијансата на сино, наоѓав инспирирција од дела на францускиот уметник. Секако делата се доживеани на свој начин, затоа и дизајните се во препознатливата естетика за Zanov. Дел од облеката ги истакнува облините, и ја следи линијата на телото. Колекцијата е многу чиста, едноставна и модерна. Има некои мали акценти кои потсеќаат на 60-тите години од минатиот век – објаснува дизајнерот.
Палетата на бои е внимателно одбрана. Покрај нијанси инспирирани од препознатливата „интернационална Клајн сина“ боја, застапени се и бела, црна, сребрена и црвена боја.
Колекцијата Blueu вклучува фустани, палта, панталони, комбинезони, ролки и повеќе видови здолништа. Дизајните лесно можат да се комбинираат меѓусебно. Колекцијата е наменета за различни прилики. Облеката ја дополнуваат и модни додатоци како хулахопки, мини ташни и појаси за нагласување на половината.
Најуникатните дизајни од колекцијата се целосно рачно изработени, без употреба на машина за шиење. А и во остатокот од колекцијата има рачни детали. Од сезона во сезона се повеќебројни се ваквите дизајни за чијашто изработка е посветено многу внимание, трпение и љубов. Овие уникатни креации се веднаш препознатливи и секогаш ги одбираат клиенти со изграден стил кои сакаат да носат несекојдневна облека. Всушност и клиентите се голема мотивација за креирање на смели дизајнерски решенија. Нивната храброст да се експресираат низ модата дозволува експеримент.
ZANOV – BLEUE
Модели: Мартина Марковска, Тамара Петковска, Мартина Давидовска (Моделс ин)/ Видео: Princess Donatsu, Donplaya Sinkata Sine/ Фоторафија: Христијан Младеновски, Дора Јанева/ Шминка: Миа Арабаџиева/ Фризура: Јана Трбојевиќ/ Креативен консултант: Виктор Стојкоски/Song: Vendredi sur mer – La femme a la peau bleue/ Чевли: Victor Chevignon/Локација: Европски универзитет
*Остатокот од фотографиите и видеото можете да ги погледнете на Фејсбук профилот на Zanov.
Нема коментари