Откако беше откриена насловната страна со Миранда Кер на ноемврискиот број на јапонски Vogue, еве го и главниот моден едиторијал. Магазинот со овој број слави 15 години од лансирањето на јапонското издание и во тој дух сними фотосесија во која се слави јапонската иконографија. Па ја гледаме Миранда во стилови на гејша, самурај или аниме лик од манга-стрипови, фотографиите се дело на Марио Тестино, а стајлингот го направи Ана Дело Русо која моделите од Џорџо Армани, „Барбери“ и Ралф Лорен ги спои инспирирана од традиционалната јапонска облека. Кога се прават модни фотосесии инспирирани од некоја светска култура, секогаш се појавува прашањето за навредливост и дилемата зошто не се ангажираат автентични модели. Во случајов, модната сцена заинтригира зошто кога се слави јубилеј на јапонски магазин и се употребуваат јапонски стилови, не е фотографирана некоја јапонска супермоделка!? Миранда Кер е доста популарна во Јапонија, претставува лик препознатлив во целиот свет, па веројатно затоа е избор на уредништвото и на фотографот Тестино. Сепак, доколку е вкусно направено, ваквите едиторијали претставуваат убав моден омаж на некоја култура, а не навреда на нечие културно наследство.
Нема коментари