Модната дизајнерка Ивана Кнез постојано лансира нови парчиња накит и скоро редовно пласира и професинални фотосесии кои ги илустрираат нејзините креации, така е и со последниот мини проект за колекцијата „Лили“ потпишана од нејзиниот бренд „Драма“. Големи парчиња ѓердани во кои се вметнати бои, бисерни топчиња и реси се главниот фокус на „Лили“, колекција на „Драма“ инспирирана од една друга драма, „Галеб“ од Антон Чехов.
-„Галеб“ е последниот проект на кој соработував со Билјана Радиноска, режисерка која што ја почитувам и често знае да ме инспирира од костимот да поминам во колекција. Изработена е од рециклирана кожа и пердуви, кристали и камења. Тежнее кон длабочина на перспективни емоционални искуства и искрени животни приказни – изјави Кнез на почетната инспирација на колекцијата за која подготви мини едиторијал.
ДРАМА/ Модел: Миа Костова/ Фото: Жарко Чулиќ/ Визажист: Даниел Николовски/ Локација: „Драма Студио“, Скопје/ Посебна благодарност до „Кашмир Кафе“
Главен лик на новата фотосесија е водителката Миа Костова која изгледа впечатливо и со доза на сексапил.
-Неверојатната креативност на Ивана, преку објективот на Чуќиќ и мајсторијата на Даниел за мене беа најлесните два часа поминати на сет. Уживав во секој момент како што уживам и во новата колекција на „Драма“. Драма е да се работи со оваа екипа – вели Миа.
Фотографот Жарко Чулиќ во изминативе години сними повеќе импресивни фотосесии со Кнез, а нивната соработка донесе уште една мала серија на имиџи со необичните модни додатоци на дизајнерката. Двајцата автори совршено се разбираат кога треба да се сработи нов едиторијал.
-Соработките со Ивана ми се омилени. Секогаш сме тим кој победува, делиме многу заеднички идеи кои секогаш се успешна реализација. Од друга страна соработката со Миа и Даниел како професионалци направи овој мини проект да изгледа повеќе од одлично – вели тој.
-Миа е прекрасна жена и огромен професионалец исто како и преостанатите членови на екипата. Прекрасно и ретко е искуството кога еден едиторијал се одвива без проблеми, кога не се потребни многу зборови и екипата соработува беспрекорно, иако е ова официјално првпат да соработуваме ние четворицата. Даниел е наш етаблиран визажист со кого ми претставува огромна чест да соработувам на проект од овој стип, а со Жарко мислам дека веќе се подразбира, имајќи во предвид дека следната година „Драма“ и Чулиќ полнат пет години на заедничка соработка и воедно постоење на двата бренда – ни изјави Ивана.
Како што откри Ивана шмината на едиторијалот ја изработи Даниел Николовски.
-Со оглед на тоа што креативноста е нешто со кое се раѓаме и го носиме во себе и не можебе да го надоградуваме за разлика од трудот кој постојано мора да се надоградува, задоволството е комплетно на моја страна да соработувам со еден од најкреативните уметници како Ивана Кнез и тимот на „Драма“ – вели Даниел.
Интересно е дека додека се подготвуваше фотосесијата модната публика ги откри новите креации и таа е скоро распродадена, а последните парчиња може да се погледнат во студиото „Драма“. (К.Т.)
Нема коментари