Секогаш е добро да се чуе дека некој наш моден дизајнер одлучил да отвори сопствено студио, простор во кој ќе твори и излага свои креации. Свое катче кое одговара на нејзиниот карактер и стил отвори и талентираната Јована Филиповиќ, веќе препознатлива по неколку успешни колекции и претставувања. Сместен во центарот на Скопје, просторот наликува на њујоршки лофт во помал размер, а низ главната соба, работилницата и галеријата сега се изложени нејзини креации, покрај купчиња модни списанија и внимателно избрани детали. Така го дочекавме нејзиното студио на забавата што Јована ја организираше во вторникот, која од интимнo дружење прерасна во одличен жур со урбани ликови и модни познавачи.
Филиповиќ воедно ја промовираше новата колекција за пролет-лето 2014, спој на рафиниран минимализам со доза на 60-тите години и ретро дезени. Почетната станица можеби е минимализмот, но разигран со малку боја, неинванзини шари, вкусно дозиран луксуз, детали од синџир и бисерни перли. Во однос на боите дизајнерката воведе нов спектар преку жолтата боја, која се судира со белата и црната, како и со црвено-бордо нијанси на шарите. Заедно со новата колекција, Јована подготви фотосесија што ја објавуваме на stylist.mk, а на која работеа блогерката Јована Зука како фотограф, Моња Пљакиќ како модел и Игор Марков како шминкер.
Фотографија: Јована Зука/ aftertwofive.com
Новото студио
Студиото сум јас, и јас сум моето студио. Тоа беше одговорот кога н аотворањето ме прашаа како се чувствувам сега, кога имам свое место за творење. Го планирав уште од поодамна, меѓутоа неможев да го најдам соодветниот простор, сè до пред неполни три месеци. Сега си направив мое катче, кое одговара на мојот карактер и стил.
Колекција за пролет-лето 2014
Последната колекција е чиста и минималистичка. Почнувајќи од кроевите, па сè до материјалите. Користев само природни материјали, свила, памук, а сите модели беа дополнети со уникатен накит. Инспирацијата за колекцијата потекнува од 60-тите, од филмовите на Микеланџело Антониони и музиката на Франсоаз Арди и Џејн Биркин.
За девојките во креации од колекцијата
Како што споменав, самата инспирација ја црпев од музиката, стилот, андрогеноста на Арди и Биркин. Сензибилни, елегантни, кои од друга страна не се плашат да го искажат својот сексапил, ова се жените кои ги замислувам во креациите од оваа колекција.
Ефектот од отворањето на студиото
Посакувам ова да биде место кај што ќе се родат уште многу нови колекции, да биде простор каде што сите клиенти и посетители ќе се чувствуаат пријатно, добро услужени и креативно исполнети.
План и стратегија за следен чекор
План ми е уште одма да почнам да работам на зимска колекција, а можеби и нов моден перформанс.
Зборови што ја дефинираат работата на Јована
Кога станува збор за стилот, гледам да создавам парчиња кои се носливи, препознатливи, и уникатни. Затоа се посветувам на изработката на секое парче посебно, притоа креирајќи уникатна приказна за секој од нив.
Нема коментари