Пустинската кралица на брендот Queen ги носи новите венчални фустани во пустина. Така македонскиот моден бренд за венчаници Queen деновиве ја промовира новата фотосесија за колекцијата Desert Queen. Снимена во идилична атмосфера на сред пустина во близина на Дубаи, преку неа неа дизајнерката Синди Караџа ја открива новата линија на невестински фустани. На фотосесијата брендот соработуваше со фотографот Дарко Мораитов и шминкерот и фризер Армент Рамадани, а позираа модели MMG Eventz, модна агенција од Дубаи. Брендот Queen Haute Couture постои веќе 5 години и е специјализиран за изработка на невестински фустани кои ги потпишува дизајнерката Синди Караџа. Таа своето дизајнерско искуство го започна пред 15 години, како сопственик на ателје во Турција, каде останува до завршувањето на своите студии на Академијата за моден дизајн во Истанбул. По враќањето во Скопје ја остварува идејата за творење во својот град преку приказната за Queen Haute Couture, во чие ателје се создаваат невестински фустани со префинети материјали, рачно изработени детали и уникатни кроеви. Со дизајнерката Синди Караџа зборувавме за светот на венчалните креации, како важен сегмент во модниот свет, а секако и за последниот голем проект реализиран во Дубаи.
-Desert Queen не претставува само колекција на невестински фустани, туку една успешно реализирана идеја, проект чија што подготовка траше долго. Идејата започна со создавањето на невестинските фустани, односно материјалите со кои изработуваа. Тие се посебно создадени за овие невестински фустани, кои самите по себе претставуваат уникатен дизајн. При самото создавање на колекцијата се роди и нејзиното име, асоцирајќи на посебноста која ја има пустината, нејзината моќ да раскаже поинаква приказна. Каде што сè изгледа толку далеку, а сепак е близу. Таков е и карактерот на овие невестински фустани, ја остваруваат желбата на идната невеста која постоела единствено во нивните соништа.
Кажете ни подетално од што се состои колекцијата?
-Оваа колекција ја сочинуваат 12 венчаници, кои меѓусебно се разликуваат по својот крој и материјалот кој е искористен за нивна изработка. Она што ги спојува е уникатноста на нивниот дизајн, деталите кои ги дополнуваат и секако префинетиот материјал кој е нивна основа. Рачно изработените тантели се дел од секоја венчаница. Помеѓу нив има венчаници кои се со едноставен, смирен крој, сè до балски, раскошни креации.
Фотосесијата за оваа коелкција ја направивте во Дубаи, па како изгледаше снимањето и кој учествуваше во реализацијата?
-Снимањето на фотосесијата во Дубаи претставува едно убаво искуство, кое благодарение на професионалниот тим кој беше дел од тој проект, ќе го паметиме како предизвик кој резултирал со фантастични, поинакви фотографии. Фотографиите се дело на Дарко Мораитов, за изгледот на моделите се погрижи Арменд Рамадани, додека моделите беа дел од MMG Eventz, модна агенција од Дубаи. Да се работи во пустина е сепак предизвик, пред сè поради недостапноста на локациите за фотографирање. Топлото време ни ја отежнуваше работата, но сепак она што ни беше поставено како цел лесно го остваривме благодарение на пријатната работна атмосфера која владееше во нашиот тим.
Кои се новите светски тенденции во дизајнот на венчаници и колку македонските невести ги следат при изборот на својот венчален фустан?
-Она што е моден тренд во светски рамки отсекогаш било поле на интерес за невестите од нашите простори. При создавањето на својата идеја за невестински фустан, процесот вклучува пребарување на она што е во тренд, но пред сè повеќето невести се водат од својата желба, односно од она како тие се гледаат себе си на денот на нивната венчавка. Секако дека светските трендови имаат свое влијание кај секоја невеста при изборот, но она што е важно е тоа дека трендот не секогаш е поврзан со идеалната венчаница. Поради тоа, оваа моја колекција претставува збир на различни кроеви и материјали, како би можела секоја девојка да го најде вистинскиот избор за себе. Во последно време, трендот се става на релјефните тантели, кои се рачно изработени. Исто така, свилата во нејзината природна форма е материјал кој е се почест избор за изработка на една венчаница.
Како според вас треба да изгледа венчаницата од соништата и зошто е таа важна во животот на една жена?
-Идеалната венчаница е склоп од карактерот на девојката, нејзините пропорции и ликот. Пред сè, за да може една венчаница да биде идеална треба да одговара на ликот на девојката, односно дали ќе станува збор за венчаница која ќе биде нежна, суптилна или венчаница која ќе биде грациозна, аристократска. Карактерот како важен дел од изборот, најмногу има улога врз тоа дали се замислуваме како невеста во раскошен балски фустан или како невеста која себе си се гледа во нешто поинакво, односно во крој на венчаница кој не ги опфаќа оние стандардните. За да може целата таа замисла да биде совршена, венчаницата мора да одговара на пропорциите на идната невеста. Невестинскиот фустан претставува најважниот фустан во животот на една девојка. Тој е производ на нејзиниот најголем сон, на фустанот кој што треба да претставува почеток на нешто ново, па поради тоа секако дека неговата улога е доста важна. Споменот кој го создава венчаницата трае вечно, и затоа изработката претставува заемна соработка, во која се вложува труд и посветеност. Сè со една цел, секоја идна невеста да блесне во својот фустан, да биде посебна и да се чувствува како кралица.
Нема коментари