Дизајнерката Антонија Ристовска претставува нов моден едиторијал на невестински фустани преку кој сака да ја најави новата можност што ја нуди заедно со уште неколку професионалци од светот на модата. Пoкрај фотосесијата со дуото Ани и Дими направена во ноќниот клуб „Станица 26“, Антонија промовира нов стилистички сервис во своето ателје за идните невести, што подразбира избор и изнајмување на венчаница, како и договор за комплетен стајлинг кој ќе се прави во соработка со шминкерот Зоран Шурбевски, фризерот Љупчо Петрушевски-Бубе од „Бубе ин“ и Олгица Прошевска од „Ателје плус“. Сите тие заедно ќе пристапат кон изгледот на една идна невеста.
Венчаници: Антонија Ристовска/ Фото: Ани и Дими/ Модел: Елена Гугоска (Подиум)/ Шминка: Зоран Шурбевски/ Фризура: Бубе Студио Ин/ Цветни аранжмани: Ателје плус
-Од аспект да го заштедиме нејзиниот буџет, а зад невестата да застане професионален тим, моето модно ателје одлучи да практикува изнајмување на своите венчални фустани со слоганот „Со професионал тим до совршена невеста“. Секако да им излеземе во пресрет на тие што сакаат луксузна венчаница, а да ја добијат за многу помал буџет. За таа цел направивме фотосесија со Ани и Дими заедно со тимот за комплетен аутфит. За идната невеста ќе има и подарок од брендот „Авон Македонија“, за кој сум актуелен дизајнер и советник за убавина во нивните брошури – ја објаснува дизајнерката Ристовска новата можност што ја нуди своето ателје, односно изнајмување на венчален фустан, комплетирање на стајлинг и координирање со шминкер, фризер и декоратер.
Новата фотосесија на Антонија открива неколку нови венчаници кои се инспирирани од темата арт деко, и претставуваат надополнување на нејзината последна колекција за пролет лето 2014, наречена Аrt en Deco која што ја претстави со самостојната ревија во април годинава.
-На моделите се впечатливи големите бели цветови со геометриски детали – квадрат со 3Д ефект, во делот на колковите, а кај некои го има минималистичкиот изглед со впечатливи копчиња. Во горниот дел кај некои модели е употребен најфин француски тул за нежен допир на телото. Дел од невестинските фустани се од претходните колекции, а застапени се и кратки и неконвенционални венчаници. Сценогрфијата за едиторијалот ја предложи Ани од AD Photography и веднаш ми се допадна идејата – во позадина да бидат фустани на закачалки и еден од нив девојката го одбира и го правиме соодветниот аутфит што одговара на стилот на невестинскиот фустан. Всушност тоа е и нашата идеја како професионалци, да се одбере венчалниот фустан, најдобрата фризура и шминка што ќе одговара на стилот на венчаницата и секако на ликот на девојката – изјави дизајнерката.
Нема коментари