Младата дизајнерка Мирјана Јосифоска, после неколку групни претставувања и учества на модни проекти, и по завршувањето на академијата за моден дизајн во „Џолев и уметностите“, ја реализира својата прва колекција наречена „Спомен на еден град“. Ја претстави на промоција во Јавна соба, преку рекламни видеа, илустрација, изложени креации, како и со фотосесијата што можете да ја погледнете на Stylist.
-Инспирацијата за колекцијата доаѓа од мојот роден град Тетово. Темите кои ги опфаќа колекцијата се загадувањето на воздухот, иселување на младите луѓе, како и преголемата консумација на текстилни материјали од синтетичко потекло. Ова не се само проблеми на Тетово, туку и проблеми на нашето општество. Целта на овој проект е да ја подигне свеста за овие проблеми кои особено ги засегаат младите луѓе во нашата земја. Формите и силуетите се инспирирани од работничка облека и црно бели фотографии на кои се претставени работници. Текстурите ги имитираат линиите на изгорен отпад во депониите и брановито движење на истурен бензин. Штепови во форма на бранови можат да се најдат на многу од парчињата во колекцијата – ни рече дизајнерката.
Јосифоска преку својот бренд се обраќа на темата самоодржливост и нејзината колекција е речиси целосно создадена од материјали од природно потекло, како што се памук, волна, свила и вискоза.
-Во проектот се употребува новитетот познат како „одржлива мода“ (sustainable fashion), во овој случај парчиња облека создадени од текстилен отпад од текстилни работилници. На овој начин се создава облека од веќе искористени материјали – остатоци. Друг аспект на одржлива мода кој е присутен во колекцијата е мултифункционална мода. Кај мултифункционалната мода парчињата можат да се носат на повеќе начини со цел да се намали преголемата консумација на облека. На пример, мантил каде ракавите можат да се отстранат и тој станува елек – вели Мирјана.
View this post on Instagram
Колекцијата на Јосифоска се промовира на 23 јануари годинава на настан во Јавна соба и подготвен во соработка со „Џолев и уметностите“. Како што ни кажа дизајнерката, целиот проект вклучи модернизирана илустрација на тетовската Менада отпечатена на маички, дело на Марио Маневски од генерацијата 2019/20 на Академијата за визуелни уметности, а Антонио Станков од истата генерација изработи фотосесија на која беа претставени моделите од колекцијата и маичките со илустрацијата. Цоке Ајтов од истата академија, изработи видеа на кои се претставени млади ликови од земјава кои прават промени во областа на културата и уметноста.
-На промоцијата беа изложени моделите од колекцијата и маичките со илустрацијата, фотографии од фотосесијата и видеата со млади лица од земјава кои прават промени во областа на културата и уметноста. Настанот имаше голема посетеност, колку што дозволуваа сите Ковид-19 протоколи. Посетителите имаа можност да ги видат моделите, фотографиите и први да ги изгледаат промотивните видеа на колекцијата. Голема благодарност до тимот на Јавна Соба каде што се одржа настанот, како и до Министерство за култура.
КОЛЕКЦИЈА ‘СПОМЕН НА ЕДЕН’ ГРАД НА МИРЈАНА ЈОСИФОСКА
Модел: Ана Ежова/ Фотографија: Антонио Станков (Џолев и уметностите)/ Шминка: Сим Салтирова
Нема коментари