Македонката Душица пред неколку години заминала во Франција да студира уметност, но патот ја одвел во светот на високата мода и на студиите на една од најпрестижните и најстарата школа за мода – Есмод во Париз (ESMOD). Сега Душица претставува колекција на висока мода, како завршница на специјализацијата на Есмод, работи за модна етикета од градот Бордо, го гради својот бренд Shaleva Couture и негува сон и мотивација еден ден да работи покрај Лагерфелд во „Шанел“. Во разговорот за Stylist.mk Душица ни ја откри нејзината модна приказна и премиерно колекцијата Winter Flowering со која деновиве ќе се претстави. Во Франција дошла на 19-годишна возраст и се запишала на студии по современи уметности, но после првата година стажира во операта во Бордо, каде што работела костимографија. „Тој стаж ми ги отвори очите за модата и за традиционалното знаење на работа. После три години на студиите по современи уметности во Бордо се запишав на Есмод во Париз, откако победив на конкурс за влез во школата“, ни кажа Душица и ни раскажа кога првпат забележала интерес за мода и за креирање. Ни откри дека отсекогаш била пасионирана од високата мода и сè што е поврзано со уметноста, многу пред да се запише на престижната школа Есмод.
-Љубовта за рачната изработка и модата почна во моето детство. Пораснав со мојата прабаба која што беше плетачка и везачка. За мене тоа беше и стана евиденција. Го поминував моето време со правење на фустанчиња за куклите…
Како изгледаа студиите на престижната школа Есмод и што беше фокусот на твоите студии?
-Првите две години се генерално учење на стилизам и моделизам, значи цртање, илустрации, кроеви по рамен начин и директно на шнајдерски манекен. Во трета година постојат различни специјализации, обична женска и машка облека, луксузна облека, костуми, долна облека, аксесоари и висока мода. Во висока мода учиме да работиме ‘sur mesure’, тоа се уникатни модели, комплетно рачно изработени со посебни техники на шиење и моделирање.
КОЛЕКЦИЈА WINTER FLOWERING/ ДУШИЦА ПЕТИТ
Модел: Sara Seewer/ Фото: Steve Wells/ Шминка: Margot Boudin/ Асистент фотограф: Remy Muntu Mosi/ Личен асистент на Душица: Quentin Alleau
Ја завршуваш специјализацијата на висока мода на Есмод и наскоро ќе ја претставиш дипломската колекција. Од што се состои колекцијата?
-Дипломската колекција е зимска капсулна колекција која е композирана од 3 панопли. Се инспирирав од јапонските градини и од чадор за волуменот на колекцијата. Боите се пастелни, розовите и белите тонови ја носат нежноста, а сините и сивите драматичноста. Секоја креација е уникатен модел и комплетно рачна изработка. Работам исклучиво со свила и рачно изработена тантела, а креациите се везени со цветови од ПВЦ кои даваат модернизам и авангардност на креациите. Колекцијата ќе ја претставам на 3 јуни во Atelier Richelieu во Париз и потоа на 16 јуни на модна ревија на Esmod International Paris.
Имаш интерес за високата мода, сакаш драматичност и во колекцијата вметнуваш крзно. Како ти самата би ја опишала својата дизајнерска естетика?
Да, работам со крзно затоа што тоа денес е најлуксузен материјал кој бара посебна техника и обработка. Мојата естетика би ја опишала како софистицирана и авангардна, која визира клиентки со голема личност.
Колку дипломата на Есмод може да ти ги отвори вратите за работа во познатите модни ателјеа? Веќе имаш некое искуство во одредени ателјеа, нели?
-Дипломата на Есмод е светски позната и вистина е дека отвора врати многу полесно отколку другите модни школи. Минатата година работев Estelle Colann Haute Couture, креаторка на корсети и уникатни модели лоцирана на Азурниот брег. Креаторка сум на марката уникатни модели со еко концепт Origin by од Бордо.
Што би била твојата работа од соништата, да креираш за некоја голема модна куќа или да развиваш сопствена етикета?
-Сон, желба и мотивација да се борам во кругот на високата мода ми е „Шанел“, се надевам дека еден ден ќе можам да дизајнирам со Карл Лагерфелд, а подоцна да ја направам својата сопствена модна куќа.
Колку си блиску или далеку за влез во Chambre Syndicale et d’industrie de Paris и ревија на неделата на висока мода во Париз? Кои услови треба да се исполнат?
-Моментално сум сè уште млада и на почетокот на мојата кариера за конкурирање со ревија на неделата на висока мода. Сакам прво да стекнам искуство и буџет за да се ангажирам во таков проект. А условите да се влезе во кругот на високата мода се комплетна рачна изработка која што мора да биде обработена во ателјето на модната куќа, модно ателје во Париз со точен број на вработени, две модни ревии годишно на неделата на висока мода и најмалку 25 креации од ревија.
Имаш искуство и со креирање костуми за опера и балет, каде се спојуваат и раздвојуваат модното креирање и креирањето за театар?
-Работев костуми за балет и опера во големиот театар во Бордо. Креациите за театар се многу блиски со уникатите на висока мода, но многу далеку од обичната индустриска облека. Костумите најчесто се изработуваат во ателјеата на самиот театар и бараат доста прецизност и трпеливост.
Како изгледа твојот живот во Париз?
-Мојот живот е доста интензивен, подготвување на колекција, следење на изложби и модна недела, следење на конкурси… Со еден збор – работно.
Ја следиш ли македонската модна сцена и дали скоро планираш да се претставиш во Македонија?
-Следам во глобала и сум разочарана. Во Македонија според мене нема тенденции во модата, има премногу класика и кич, а со огромни цени за македонски услови и нивниот сопствен квалитет. Според мене Антонија Ристовска е единствената модна креаторка во Македонија со вкус, елегантност, техника и рачна изработка.
Во план ми е наредната година да направам авангардна модна ревија во Македонија на јавно место, која што ќе биде отворена за секој што е заинтересиран и сака да присуствува.
Нема коментари