Еден од дизајнерите што прифати да направи шапка за проектот „Дизајнерите за Trash Fashion Macedonia“ е Драган Христов од брендот „Лудус“, кој создаде креација која изгледа различно од сите страни, а е направена од неопрен и пластична кеса. Тој смета дека иднината на модата е во рециклираните органски материјали и подигање на свеста на конзументите да бидат внимателни и совесни. Дизајнот на „Лудус“, заедно со креациите на Јована Филиповиќ, Ирина Тошева и на Биби Клекачкоска, ќе бидат претставени вечер на изложба во кафулето „Цреша“.
-Самиот настан носи со себе свои правила за дизајнерите, па од нас беше побарано да се направи дизајн на шапка од материјал што претставува отпад. Така, мојата шапка е изработена од бела ќеса за ѓубре, a конструкцијта е посложена и за нејзина изработкa ми требаше подолго време. Сакав да постигнам современ изглед на шапка што упатува на театарски или филмски реквизит. Сакав шапката да има комплетно различни изгледи од различни агли и при движење да дојде до израз горната декоративна текстура – вели Драган за својот дизајн.
Дизајнот на Драган Христов во фаза на скица
Како и останатите колеги од проектот, дизајнерот користи веќе употребуван материјал, па ни откри дека покрај конструкцијата што е изработена од контрастен црн неопрен, самата шапка е декоративно дополнета, односно е обложена со текстура од преработена бела пластична кеса.
-Сметам дека обраќајќи се на поширока публика на овој настан соодветна е употребата на кесата, што непосредно и ефикасно ќе ја искомуницира пораката за повторна употреба и рециклирање на матeријалите што завршуваат во отпад – откри дизајнерот.
Со Драган зборувавме и за концептот за самоодржива мода и зошто е важно да се реискористуваат стари материјали и да се поттикнува индустријата на еколошки пристап.
-Модната индустрија денес достигнува критична точка од која се бара излез на сите страни. Таканаречената ‘брза мода’ чијшто неетички пристап на динамично и забрзано производство во време на хиперкапитализам e сериозно загрозена од еко модата. Иднината е во рециклираните органски материјали и внимателните и совесни конзументи. Се надевам дека трендовите за еколошка и самоодржливата мода ќе преовладат и ќе ја доминираат модната индустрија. Сметам дека секој потрошувач заслужува точна информација за потеклото и начинот на производство на производот што го купува. Во светот агресивно расте трендот на совесни потрошуваши на еко мода – вели Драган.
Дизајнот почнува да добива облик… Крајниот резултат ќе имате можност да го видите вечер на изложба во 20 часот во „Цреша“
Покрај нештата што самата индустрија треба да превземе во однос на еколошкиот принцип, во одредена мера може самите да допринесеме преку употреба на стари парчиња облека стилизираме на современ начин и намалување на степенот на конзумеризам.
-Вистинските дизајнерски парчиња се вонвременски и доколку ги најдеме во плакарот на нашите родители секако дека е огромно задоволството да се измешаат со нови современи парчиња во склад со сопствениот стил и моментно чувство – смета Христов кој неодамна ја промовира новата колекција „Орландо“ и го организира пролетниот Super Design Pop Up Store. Тој заедно со својот тим започнува со подготовки на уште еден настан кај нас, учество на еден настан во Софија, Бугарија на крајот на месецов и со изработката на интернет продавница за брендот.
Нема коментари