Со цел да ви помогнеме при изборот на идеалниот и соодветен стајлинг за најлудата ноќ, почнуваме мини-серијал со предлози од македонските модни креатори. Тие ќе ве советуваат, не само за изборот на парчињата облека, туку и за накитот и модните додатоци, шминката, фризурата, и ќе ви дадат идеи како да ги комбинирате. Дизајнерот и менаџер на концептуалниот моден бренд „Лудус“, Драган Христов, е прв во низата познати креатори што ќе ви дадат неколку корисни предлози за вашиот изглед за Нова година. Во неговите новогодишни комбинации умешно се вметнати и креации од досегашните колекции на „Лудус“.
-Невообичаено за работата на „Лудус“ и за мене како дизајнер е да давам совети во врска со комплетниот стајлинг за одредена пригода. Иако тоа било побарано од нашите клиентки, за прв пат се обраќам со совети за новогодишната ноќ. „Лудус“ како експериментална и концептуална модна етикета работи на тоа со секоја колекција да пренесе некаква порака, па затоа стајлинзите и останатите пропратни елементи на изгледот при сликањата на каталозите и ревиите ги доверува на професионалци чија работа е фокусираната на одредените сегменти: шминка, фризура, стајлинг, додатоци. Сметам дека би требало повеќе да послужат како инспирација и во таа насока се следните пет предлози од „Лудус“за новогодишната ноќ-вели Драган Христов.
1. РЕСИ
Под претпоставка дека оваа ноќ ќе ја поминете танцувајќи и забавувајќи се на подиумите, најдобро би Ви прилегал фустан или парче со долги реси што ќе го нагласи вашето движење. На сликата може да видите фустан од Dsquared и кошула-фустан од колекција на „Лудус“ од 2011 година.
2. ДИСКО ЏИНС
Уште едно парче што изгледа одлично во дискотеките, со ретро вкус, неодминливо го доловува гламурот на крајот на 70-тите години и потсетува на познатото „Студио 54“ од Њујорк. Сребрените фармерки се од минатогодишната зимска колекција на „Лудус“, изработени од вештачка кожа, што е пријатна за носење поради внатрешноста, а познатите како Оливија Њутн Џон и Кејт Мос ги имаат совршено искомбинирано.
3. БУЈНА ДОЛГА КОСА
Повторно инспирација од 70-тите години на минатиот век. Доколку имате долга коса повикајте се на фотографиите од овие две супермоделки.
4. МЕТАЛИК ШМИНКА
Доколку носите впечатливи парчиња, особено во боја, изоставете некој дел од лицето при шминкањето, како шминката на ревијата на „Прада“ од 2011 година и нашиот последен каталог. Шминката ја изработи Елена Арсовска од студиото „Панаш“.
5. ГРЕЈС ЏОНС
Грејс Џонс во „Студио 54“ доколку Ви треба поттик за авангарден изглед. Новогодишната ноќ е совршена за експерименти!
Нема коментари