На овој ден пред пет години по долга депресија се обеси британскиот дизајнер Александар Меквин, постојано иновативен, сурово бескомпромисен и сугурно еден од најталентираните модни творци во историјата на модата. Роден во Ист Енд, во Лондон во 1969 година, Ли Александар Меквин како многу млад почнал да работи како чирак во дуќанот на Gieves & Hawkes налегендарната кројачка улица Севил Роу, а подоцна се запишал и дипломирал на престижниот Сент Мартинс. Преку своите колекции искажуваше беспрекорно познавање на традиционалното британско кроење и шиење, како и неговата тенденција преку облеката да ги спои силата со кршливоста, емотивната моќ со сировата енергија. Ама пред сè покажа провокативност и бунтовништво насочено кон системот. „Модата никогаш не смее да биде политички коректна, во спротивно никогаш нема да биде револуционерна“, колку траорно и актуелно звучат овие неговите зборови.
Меквин од 1996 до 2001 година работеше како креативен директор на „Живанши“, а во колекециите за париската модна куќа и во оние што го носеа неговото име, тој вметнуваше огромна доза на иновативност и креативност што можеше да се забележи и во спектакуларните модни ревии. А секоја нова ревија беше осмислена со истиот интензитет на осмислување облека и со нова сосема поинаква визија која пркоси на конвенционалното сфаќање за убавина. За Меквин пистата беше главно средство за изразување на неговата имагинација, полна со изразена мрачност која произлегуваше од неговата фасцинација со романтизмот, најмрачната страна на деветнаесеттиот век.
Брилијантен и генијален, Ли се чувствуваше несфатен од околината како и повеќето личности кои се пред своето време. Долго патеше од депресија и од чувство на растрганост да му одговори на крволочниот ритам и борба за успех на не толку розовата модна индустрија. Само неколку дена по смртта на својата сакана мајка Џојс и неколку дена пред прикажувањето на нова колекција, Александар на 11 февруари 2010 година си го одзеде својот живот. Покрај неговата мајка, втора по важност жена во неговиот живот беше легендарната стилистка Изабела Блоу која го поддржа и ја купи целатата негова прва колекција од 1992 година инспирирана од Џек Мевосек. Слични по сезнибилитет и екцентрични во стилот, останаа блиски до крајот на неговата смрт. Веројатно ја делеа истата доза на деструктивност, па по кратко време се самоуби и Изабела.
Во 2011 година музејот Метрополитен во Њујорк ја организира ретроспективната изложба на Александар Меквин наречена Savage Beauty, која предизвика огромен интересен и досега невидени редици за чекање ред за модна изложба. Savage Beauty на 14 март ќе доживее второ поставување во музејот Викторија и Алберт во Лондон, а изложбата ќе биде дополнета со досега невидени материјали од дизајнерот. Заинтересираноста е повторно голема, влезниците се одамна распродадени, а музејот одлучи да го продолжи траењето на изложбата. (K.T.)
Нема коментари