Во годините во кои трендовите се менуваат на секој три месеци тешко е да се остане рамнодушен. Од месец во месец се лансираат нови колекции со кои модната индустрија нè убедува дека тоа е токму она што ни треба. Се очекува сè повеќе, побрзо и се разбира, подобро, а модните моќници и понатаму го наметнуваат својот сопствен ритам на производство и продажба додека современиот потрошувач се посериозно размислува за секој потенцијално потрошен денар.
Премногу од сето тоа се пласира на пазарот, па потребно е некои нешта да се исфилтрираат за да се создаде јасна визија на модерната облека и се останато што ја чини модата. Кога ќе се запалат рефлекторите и зачекорат моделите и започне големото шоу, првенствено се брендира одредената марка која пред очите на модната критика , баерите и љубопитната публика ќе го испрати најдоброто и најестравагантно од себе. Но, сè што се гледа на пистата не ја рефлектира потполната колекција која ќе стигне целосно во продавниците. Многу изискувачки и често пати не сосема носливи фустани и модни додатоци ќе го красат брендот кој се труди да се истакне со личното во масата.
Многу добар пример е многупати спомнуваниот и прерано починатиот гениј Александар Меквин. Неговите модни презентации веројатно беа едни од најзабележителните во модниот свет. Најчесто претеруваше со стајлингот за да преку моделите ја прати пораката врзана за работата и односот кон конкуренцијата , но и кон центрите на моќта. Она што завршуваше во дуканите е нешто сосем друго. Нослива и функционална облека , како и создавањето на поефтин и поумерен бренд „Александар Меквин” што е доказ за тоа дека продажбата всушност е сè. Ако сакаш на пистата да испратиш потпетици од 15 цм тогаш во дуќаните мораш да ги имаш од оние од 7 цм. Едноставна економска логика која донесува успех.
Нема коментари