Козметичката компанија „Авон Македонија“ која овој октомври го одбележа со серија активности за подигнување на свесноста за ракот на дојка, реализираше и донација во висина од 15.000 долари на здружението „Борка – за секој нов ден“, за борбата против оваа болест. Овие средства се наменети за продолжување на традицијата и одржување на постоечкиот СОС број 0800 55 777, меѓутоа и за отворање на нова мобилна СОС линија 075 22 88 99, која е достапна седум дена во неделата од 9 до 21.00 ч. Дополнително, со новата донација ќе се реализираат и нови едукации на жените за самопреглед, и тоа во општините во Македонија каде е евидентирана највисока стапка на смртност од овој вид карцином.
На единствената бесплатна СОС линија која „Авон Македонија“ ја отвори во 2006 година во партнерство со здружението „Борка“ досега се јавиле повеќе од 12.000 лица, а бројот на повици од ден на ден сè повеќе се зголемува. Истовремено, последната достапна статистика од 2012 година од GLOBOCAN (IARC) покажува дека во земјата годишно се регистрирани 1152 новодијагностицирани пациенти, што е за речиси 40% повеќе од претходната година. Од комапнијата велат дека ги увиделе овие потреби и токму затоа со новата донација овозможуваат надградување на услугата, со цел што поголем број пациенти, жени, семејства да добијат помош, совет или информација.
На СОС линиите се нудат информации за закажување прегледи, административни процедури, процедури за операции, справување со хемотерапија и радиотерапија, па сè до совети за исхрана, пост-третман и психолошко советување и поддршка.
-Бесплатните СОС линии се наменети да излезат во пресрет во моментите кога е најтешко на многу жени и фамилии. Овие линии се всушност единственото место во државата каде пациентите и нивните најблиски можат да дознаат сè во врска со болеста. Операторите кои раководат со линиите се членови на нашето здружение и тие освен што се стручни и обучени медицински лица и психолози, тие се и жени кои веќе го преживеале ракот на дојка и кои можат да пружат најреална помош и поддршка за справување со болеста- вели Биба Додева, претседател на здружението „Борка“.
Дополнително, земајќи го предвид фактот дека старосната граница на заболени е спуштена и најмладата пациентка има само 17 години, дел од донацијата на „Авон“ ќе биде искористена за нова серија едукации за самопреглед во средните училишта низ Македонија во општните каде смртноста е најголема, односно Охрид, Свети Николе, Велес и Струмица, со цел да се едуцираат младите за навремено откривање и превенција на ракот на дојка.
Нема коментари