Откако Кристобал Баленсијага го отвори својот прв бутик во 1918 година во родната Шпанија, брендот „Баленсијага“ симболизира модерен стил. Современиот израз во креациите на модната куќа не се сменил уште од времето на Кристобал, а во тоа го следат дизајнерите кои што креираат под негово име.
„Од почетокот се работеше за идејата за архитектонски форми и симетрија, поглед од 360 степени“, ја објаснува Александар Ванг, тековниот дизајнер на модната куќа, својата последна колекција за „Баленсијага“. Заинтригирани од архитектонските елементи и модернистичкиот израз на „Баленсијага“, пронајдовме декоративни идеи и парчиња мебел кои ги следат принципите на брендоти и во декорирањето на современиот дом.
Сè за црната боја
Се среќава во новата модна колекција и во рекламната кампања, а во домот се применува преку масивни парчиња мебел, црни ѕидови, светилки и паравани, па дури и дел од кујната е во оваа боја. Но, дом обоен само во црно изгледа досадно и мрачно, затоа се препорачува да се игра со различни текстури за да се постигне минималистички шик изглед или да се вметнат елементи во интензивни нијанси како циклама-виолетова или лимета-зелена.
Скулптурални структури
Баленсијага ги фаворизираше флуидните линии, што му овозможило да го смени начинот на кој облеката е поврзана со женското тело. Тој воведе дизајни кои ја редефинираа идеалната силуета на жените, вклучувајќи креации како балон-јакна, капут-кожурец и бејбидол-фустан. Кога бирате мебел, погледнете ги парчињата со слични форми како асиметричен стол, геометриска маса или модернистички тросед.
Рефлектирачки површини
Најновата рекламна кампања на „Баленсијага“ во која Жизел Бундшен е со кратка фризура со остри врвови и крши огледала, покажува уште една „алатка“ за декорирање – рефлектирачки површини. Нема потреба да ги искршите огледалата и стаклата околу вас како на фотографијата со Жизел, но инкорпорирајте полирани површини кои даваат аеродинамичен изглед на вашиот дом. Ако се чувствувате храбри, покријте го целиот ѕид во огледало, но внимателно и со совет од декоратер, затоа што не сакате домот да ви изгледа како во 80-тите години.
Нема коментари