Македонската дизајнерка на накит Елена Ристовска неодамна се врати од Букурешт, Романија, каде што втора година по ред се претставува со своја колекција на интернационалниот саем Autor International Jewelry Fair, а годинава не само што ја прикажа новата колекција Playing with the Sun, туку и се врати со награда. Ристовска која дизајнира неколку години, периодов се појави на неколку претразнични базари, во моментов нејзин накит е дел од Интернационалната изложба на современ накит во Пекинг, а учествуваше и на новото издание на „Природба“ во кафе-галеријата „Концепт 37“.
-Autor е најголем интернационален саем за современ накит во северно-источна Европа, кој се одржува во Букурешт, Романија. Ова е второ мое учество на саемот. Во 2014 година првпат учествував со колекцијата You, Alice and Wonderland. Оваа година се претставив со колекцијата Playing with the Sun. Накитот е изработен од месинг, а потоа е употребена техниката на позлатување а на неки парчиња користев и ладен емајл – ни рече Елена.
Дизајнерката потоа ни откри дека интернационално жири на Autor (Doris Maninger – Директор на Alchimia, школа за накит во Фиренца; Ruudt Peters – професор во Opere, летно школо во Холандија; Paulo Ribeiro – основач и директор на Joya, Барселона и Dan Piersinaru – основач и директор на Autor), секоја година доделува 4 награди на дизајнери кои се имаат претставено со најимпресивни колекции. Една од наградите отиде во рацете на Ристовска.
-Самата награда е така дизајнирана за да му помогне на победникот да ја развие својата кариера. Оваа година од вкупно 70 учесници, имав чест да ја добијам наградата од Assamblage – школо за современ накит во Букурешт, каде и ќе посетувам обука за изработка на накит со техниката на лиење – вели таа.
Во периодот од 16 до 30 декември се одржува Интернационална изложба на современ накит во Пекинг, Кина, настан на кој избрана да учествува со две парчиња накит, како што ни кажа, станува збор за два прстени од колекцијата Endless Possibilities. Изложбата е дел од Пекиншката недела на дизајн, во организација на Пекиншкиот институт за модна технологија. Изложбата е насловена Jewelry Boundless, има за цел да покаже како различни култури се интегрираат, разменуваат, па дури и судираат, со тоа промовирајќи развој на разновидност во дизајнерските креации на накит, како и обезбедување платформа за интеграција на разновидни дизајнерски концепти.
Нема коментари