Ирина Тошева е една од дизајнерите која што го прифати повикот на здружението ОХО за учество во проект кој е дел од петтото издание на Trash Fashion Macedonia, и да креира шапка од рециклирани материјали. За Stylist.mk претстави мали инсерти од нејзиниот дизајн, а конечниот изглед може да го видите на утрешниот настан „Дизајнерите за Trash Fashion“, во 20 часот, во кафе барот „Цреша“. Креаторката во својата работа ги следи принципити на еко-мода, а е љубителка на винтиџ-модата, па советува дека со малку умешност секое старо парче облека може да изгледа модерно. Ирина изминативе неколку месеци беше доста активна, се посвети на претставувањето на новата колекција „Енхалон“ за пролет-лето 2015 на Моден викенд-Скопје и на модната недела во Љубљана, потоа на промоцијата на сопствениот сајт irinatosheva.com, едиторијалот сработен со фотографот Миладин Паповиќ и на новата соработка со бендот „Нокаут“. Ни откри дека веќе работи на концептот за следната колекција, која со нетрпение чека да почне да ја реализира.
Неколку дизајнери сте ангажирани да креирате шапки за овогодинешниот Trash Fashion. Како ќе изгледа твојот дизајн и која е почетната инспирација?
-Пред неколку сезони бев препознатлива по цветните круни кои беа дел од мојата колекција „Вила“. По поканата на ОХО решив да ја продолжам таа приказна, но овој пат со други материјали.
Од какви материјали ќе биде твојот дизајн? Што ќе користиш?
-Цветната круна е изработенa од кеса за гипсен малер, а воедно и најава за еден интересен еко-хуманитарен проект кој го подготвуваме со „Лице в Лице” и Knauf.
Процесот на изработка на дизајнот на Ирина Тошева за Trash Fashion
Зошто е важно да се промовира концептот на самоодржива мода и реискористување на стари материјали и облека за нов дизајн?
-Модната индустрија е втора економска гранка во светот. За пониска цена на производот сé повеќе се користат синтетички материјали како полиестер, ликра или еластин кои што освен што се ефтини се лесни за оддржување. Но, процесот на нивното создавање како и уништување е штетно за животната средина. Предењето, ткаењето и индустриското производство имаат негативно влијание, додека пак при печатењето и боењето на материјалите се користат големи колични вода и хемикалии кои се штетни по здравјето. Модните креатори се оние кои најдобро може да влијаат на еколошката свест.
Дали токму сегментот на еко/самоодржливата мода е иднината на модната индустрија?
-Во светот сегашноста е во овој пристап во модната индустрија, се надевам дека и кај нас ќе биде во блиска иднина. Но, почнувајќи од законите во нашата земја кои не дозволуваат остатоците на материјали од фабриките да бидат достапни за дизајнерите, туку да завршат во ѓубре, слабата едукација на дизајнерите и незаинтересираноста на голем дел од купувачите се главните пречки што треба да се надминат.
Во духот на настанот на Trash Fashion ќе ни открш ли неколку совети како да се искористи старо парче облека од гардероберите на мајките и татковците и како да се носат на модерен начин?
-Љубител сум и на винтиџот кој со задоволство го преправам и му давам „нов живот“. Со вешто комбинирање и добар кројач, секое парче облека може да изгледа одлично.
Нема коментари