Специјално за наградите на Stylist.mk и овој пат статуетките ги изработија македонски дизајнери на уникатен накит. Статуетката за најдобра колекција ја направи дизајнерката Илина Поповска. Наградата за најдобар млад дизајнер ја дизајнира тандемот Моника Лозановска и Александар Баки Милев, кои стојат зад брендот за накит „Еклектика“, а признанието за најдобра манекенка го креира Андријана Андреева (Ани Соро).
Дизајнерка на накит во различни техники, Илина Поповска, вели дека при изработка на наградата за најдобра колекција на ум ја имала основата на создавањето на одредена колекција и самиот креативен процес.
-Фигурата претставува моделарска кукла покрај која што се наоѓа ткаенина, модел и материјал за изработка на модна колекција. Статуетката е речиси целосно направена од дрво со детаљ – ткаенина. Се работи за рачна изработка од ореово и црешово дрво (статуетката) во комбинација со борово дрво (постољето). При изработка на наградата сакав да ги запазам природните бои на дрвата кои се употребени, изнијанситани со бела боја, една од заштитните бои на Ilina Design. Ова за мене беше интересен предизвик, прво искуство од ваков тип. Со оглед на тоа што создавам накит, задоволна сум од резултатот -вели Поповска.
Илина Поповска професионално се занимава со изработка на накит од 2003 година, под името „Bead Art”, кој опфаќа дизајн и изработка на накит од полудраги камења, стакло, монистра и посребрена жица. Прво учество во поголем проект е изложбата на „Про Артс” фестивалот во Музеј на Современа Уметност. Првото искуство како обучувач го стекнала на курсот за дизајн и обликување на накит од монистра, одржан 2004 година. Добитничка е на награда за најдобар производ од АТА (Aid to Artisans ) на Annual Christmas Bazaar во 2005 година. Победничкиот производ беше отпечатен на промотивниот плакат за базарот таа година. Во јануари истата година почнала со изучување на филигранскиот занает во „Златара Рубин”. По завршувањето на преквалификациската обука останала во „Рубин” на доусовршување на знаењето од областа на филигранството и рачната изработка на сребрен накит, сè до 2007 година. Таму била именувана со сертификат за самостоен извршител на на занимањето филигранист – златар. Во октомври 2006 год. прв пат настапила со свој филигрански накит на групна меѓународна изложба во „Злaтарна Кодре” Љубљана, Словенија. Биладел од првата самостојна изложба на авторски накит била во рамките на фестивалот „Охридско лето”, во 2009 година. Во октомври 2010 година ја организира и учествува на првата групна филигранска изложба на авторски накит во Р. Македонија „Арт ин Миниатуре” поставена во Куршумли Ан во рамки на „Бела Ноќ”. Истата година беше дел од тимот кој што ја претставуваше Р. Македонија на Shanghai World Expo. Во март 2012 учествува на групна изложба од работилницата за современ накит во „Мала станица” покровителство на Министерство за култура. Во соработка со Дафина Џепароска го изработи прстенот – нараквица за Калиопи за нејзиниот настап на Евросонг во 2012 година. Беше дел од постановката на современ накит од македонски дизајнери во организација на Мисијата на Р. Македонија во ЕУ во Брисел (октомври 2012). На крајот од истата година ја имаше својата втора самостојна излозба во „Кафе Ли“. Наредната година беше финалист на натпреварот за дизајн на „Миксер“ во Србија. Годинава учествува на Super design Pop – Up store во МКЦ , како и Designers Outlet во рамки на Skopje Design Week. Минатиот месец на Моден викенд-Скопје ја претстави својата колекција „Тресори“.
Дизајнерите на накит Моника Лозановска и Александар Баки Милев, кои стојат зад брендот „Еклектика“, ја подготвија наградата за најдобар млад дизајнер. Токму сознанието дека треба да направат статуетка за млад креатор беше нивна главна инспирација.
-Решивме да ја изработиме статуетката според нашата колекција наречена „Око“ (The Eye) со која сакаме симболично да му посакаме отворен пат за натамошни успеси на младиот дизајнер. Се надеваме дека „окото“ ќе му го покаже правиот пат кон успешна иднина. За статуетката направивме спој од метал и природни материјали – дрво и камен. Ги споивме топлото дрво, цврстиот стабилен месинг и тиркизниот каулит, кристал кој има смирувачки ефект и ја поттикнува креативноста. Чест ни беше што прв пат изработуваме статуетка за награда за најдобар млад дизајнер. Нам секогаш најголемо задоволство ни претставува тимската работа која е забавна, тоа е момент кога се раѓаат нови идеи и кога нашата креативност се надополнува и доаѓа до израз – велат дизајнерите на „Еклектика“.
Зад брендот „Еклектика“ стојат двајца млади дизајнери на накит, Моника Лозановска и Александар Баки Милев. Нивниот стил, дизајн како и материјали се разновидни и потекнуваат од различни области. Оттука произлегува и името на нивниот бренд – Еклектика. Нивното ателје се наоѓа во автентичниот амбиент на Капан ан во Старата скопска чаршија.
Креативката Андријана Андреева, која твори под името Ани Соро, при дизајнирање на статуетката за најдобра манекенка тргнала од вечната инспирација на сите големи уметници -жената.
-Експресија произлезена од фасцинацијата од самоуверената и заводлива насмевка на жената, која чекори по модната писта, ја изродува мојата скулптура. Неруда тоа најдобро го опеал во стихот:„само во висините , каде е снегот на лисјата, се раѓа , љубена, насмевка како твојата“. Мојата визија за жената која најумешно се носи со улогата манекенка. Корисев дрво и метал – медиумите со кои науспешно можам да ја осликам убавината во едноставноста на тоа суштество наречено жена, кое со својата мистика плени. Статуетката е во темносина и црна боја, како и нијанса на старо злато. Ова е прво вакво искуство за мене, се надевам не и последно. За мене ова беше предизвик, искрено, пријатна интроспекција, мојата појавност во овој свет е обвиена со женско тело исто така, внатрешни филозовски дијалози на неисцрпната тема. Големо благодрам до тимот на Stylist.mk на укажаната доверба-вели таа.
Ани Соро е уметничкото алтер его на Андријана Андреева,која својот креативен израз го наоѓа во изработка на накит,цртеж ,платно и мини скулптури. Во 2001 година дипломирала на Филозофскиот факултет. Со завршување на обука за филигран животот ја насочува во уметничките води. Езгистира како дизајнер на накит главно од сребро, бакар, месинг во комбинација со дрво и драги полудраги камења. Освен среброто како медиум за изразување на внатрешните доживување го користи и ликовниот израз. Во декември 2013 година во Домот на културата Кочо Рацин (Галерија „Ко-Ра“) прави самостојна изложба на накит на која, преку накит, музика, костими и перформанс го промовира Стимпанк (steampunk) движењето во Македонија. Зад нејзе се групните изложби во КИЦ ,,Кочо Рацин“ (декември 2011 год), „Накит на метро“во МКЦ (мај 2012 год.), ,,Мода за понети“, Културен центар „Град“ во Белград (април 2013год. ) и „Со тебе во мене“, со Владимир Благојевиќ – Владолакво галеријата,, Ко-Ра“, Скопје (јуни 2014 год). Во тек е изложбата во Matei Galleria, Harvard st.#9- Бруклин, САД, а за наредниот период се закажани презентациите во Rochester Museum и Science center , Рочестер, САД (ноември 2014), Bakehouse Art complex , Мајами, Флорида (декември) и Gallery MC New York, Њујорк , САД за во јануари 2015. Кон крајот на минатиот месец со својата колешка-дизајнерка на накит Маја Донева го отвори ателјето „Мајана“ во центарот на Скопје.
Нема коментари