Четвртото издание на Недела на дизајн во Скопје (Skopje Design Week) ќе биде отворено на 23 септември во Куршумли-ан, а во шесте дена што следат градот ќе живее под мотото „Четврта смена“. Шест дена во кои ќе ги задоволиме сетилата за дизајн, преку изложби на дизајнерски студија и автори, претставувања на дизајнери, прозиводители и продавници од повеќе сфери на дизајнот во Експо-зоната, но и иновативни презентации, работилници, дискусии, сето ова збогатено со гастрономија, мода и музика. Активностите почнуваат во 10 часот претпладне, а ќе траат до доцна во ноќта. Главната заложба на организаторите е обединување на дизајнерската сцена со компаниите и македонските претприемачи, а нуди и поттикнува можност за вмрежување и поголема деловна соработка.
На денешната прес-конференција што се одржа во Францускиот институт во Скопје, Александар Велиновски, генерален директор на Skopje Design Week, и Марта Наумовска-Грнарова, програмски директор на фестивалот, ни открија дека и годинава програмата е богата и разновидна, а манифестација ќе донесе повеќе новини. Една на агендата е формирањето на Балканска дизајнерска мрежа, иницирана од македонската организација „Јавна соба“, Хрватската асоцијација на дизајнери од Загреб и најетаблираната дизајн-платформа во регионот „Миксер“ од Белград. Како што најави Велиновски, Балканската дизајнерска мрежа веќе од следната година ќе настапува здружена секаде во светот, а дел од основачите ќе бидат во жирито на конкурсот за избор на етикета за производот гроздов мед на „Тиквеш“, чиј победник ќе биде прогласен во текот на настанот. Наумовска-Грнарова покажа задоволство што веќе се чувствуваат резултатите од целта на манифестацијата да ги зближи дизајнерите и компаниите, еден таков пример е успешниот конкурс за брендирање слатко што го распиша Движењето за поддршка на креативноста „Браво сине“. Таа исто така откри дека на ово издание на фестивалот ќе е појават шест нови македонски дизајнерски брендови кои за првпат ќе се претстават на сцената.
Франција е земја во фокусот на ова издание на SDW, а француската амбасадорка во Македонија, Лоренс Оер, изјави дека скоро една година работеле на идејата на фестивалот да се претстави францускиот дизајн и дека во Скопје доаѓаат десет дизајнерски студија. Таа верува дека со тоа ќе се овозможи поинаков поглед на француското младо творештво и францускиот дух од повеќе области на гастрономијата и модата, а не само од производството на мебел и дизајнерски предмети. На прес конференцијата се обрати и новата директорка на Францускиот институт во Скопје, Изабел Марки Барбо, која ги повика младите Македонци што студираат уметност, архитектура и дизајн, да се обратат во институтот доколку се заинтересирани за дошколување во Франција.
За време на неделата на дизајн, активна ќе биде отворената гастро лабораторија организирана во соработка со ресторанот „Барбакан“, посетителите ќе може да ја посетат дизајнерската продавница на „Капка“ и „Лудус“ во која ќе изложуваат модни и дизајнери на накит, а од ова издание Skopje Design Week е во партнерство со Body Mind and Spirit кои на фестивалот настапат со неколку работилници за деца и за спортови како капорера и кендо. Вечерети се посветени на музика, а во програмата се диџеи и групи од Македонија и Србија.
Повеќе за програмата на Skopje Design Week на следниов линк
Фото: Stylist.mk
2 Коментари
Налетав на фејсбук на статијава и знам дека е стара, но се организира ли ваков настан секоја година? Ќе има ли годинава?
Да, се организира секоја година, последното издание, петто по ред, беше во ноември минатата година, а информации повеќе има на нивната интернет страница http://www.ministryofpleasure.net/. Секако, следете не и на Stylist.mk, редовно пишуваме за настанот.