Раф Симонс конечно пристигна во „Диор“. По период на љубезно и симпатично, понекогаш непријатно оддавање почит на стилот на Диор, Симонс почна безусловно да го става својот печат на куќата, покажувајќи подготвеност да се ублажи обожувањето на „новиот изглед“ на славниот Кристијан Диор со реален прагматизам. Симонс смета дека кога ќе прифатите позиција на дизајнер во модна куќа со огромно креативно наследство, размислувате и за својот став, за што се залагате, во што верувате, како да се изразите природно и што може да додате во светот што го претставувате. Се чини дека Раф одлучи да ги следи класичните референци на париската куќа, но конечно во својата трета колекција за „Диор“, да вметне свој автентичен печат.
На вчерашната ревија за колекцијата есен-зима 2014/15 прикажана во рамките на Париската модна недела, прикажа облека што се темели на класичните кодови, но со специфични кроеви и со интензивни бои вообичаено карактеристични за пролет. Впрочем, целата колекција се базира на боја и крој, таа е ослободена од непотребни детали и додатоци. На пистата поставена во музејот „Роден“ манекенките прошетаа во класични дворедни палта, тесни панталони и колоритни фустани.
Палтата и капутите ги има во различни бои, а кај некои од нив се забележува како по нив ѕиркаат лелеави фустани. Туника-фустаните имаат мала интервенција во кројот, но има фустани кои изгледаат како два модели да се споиле во еден. Специфични се и моделите од штепована ткаенина, а оној фустан во боја на циклама и со асиметрична должина се очекува да биде едно од најзначајните и најфотографирани модни парчиња на сезоната. Впечаток е дека облеката како да е наменета за жената што се чувствува како уметност, жена која што е современа и не се плаши да се истакне во толпата.
Внимание привлекува палетата на бои – розова, зелена, црвена, жолта, сина, па комбинација на розова и црвена, бела со боја на циклама, зелена со јако розова, темнозелена со сина… Спојот на бои најистакнат е во последниот дел од ревијата, кога видовме двобојни фустани во комбинација на сакоа во трета боја, како и долгите палта без ракави во интензивни бои кои се носат со кратки црни фустани.
Финалето беше во знакот на долги релаксирани фустани украсени со светкави перли. Во однос на додатоците, Симонс внимателно избра неколку парчиња како коцкести чанти од крокодилска кожа, вечерни плик-чанти, златни ѓердани, чевли со елегнатна платформа, долги ракавици и клучниот детаљ на колекцијата – меки шалови во интензивни бои.
Нема коментари