Со ревиите на „Error Kolektiv“, Сара Реџиќ и Александра Јовановска во „Скопје Мериот Хотел“ вчеравечер заврши осумнаесеттото издание на Моден викенд Скопје за сезоната есен-зима 2018/19.
„Error Kolektiv“ е заедничка хармонија на индивидуалното. Простор во кој „ATAMI“, „Em Ellephantski“ и „[0.10] error of harmony“ градат едно.
„ATAMI“ го поддржува неконвенционалното, создава за оние кои трагаат по сопствената линија. Потпирајќи се на минимализмот има за цел да креира „јазик“, парчиња кои ќе го разбудат и потенцираат индивидуалистот во секој кој ќе ги облагороди и направи свои, раскажувајќи ја својата лична приказна.
„[0.10] error of harmony“ не е бренд. Се стреми да прерасне во движење составено од уметници, архитекти, музичари и скејтери кои преку заеднички проекти би пружиле отпор и би создале свој свет.
„Em Ellephantski“ е колаж на човечкото искуство. Емоциите создаваат бои а зборовите форми. Едноставното и сложеното, ахроматското и колоритното, овде не се спротиставен контраст туку хармонија на различности.
Сара Реџиќ ја претстави својата колекција „Феникс“ за која вели „Постојат различни верувања за птицата Феникс. Опишан е како златна или шарена птица. Според некои составен е од најубавите делови од сите птици во светот и сметаат дека е најубавата птица што некогаш постоела. За мене е најинтересен фактот што Фениксот е бесмртен и секој пат повторно се раѓа од пепелта. Целта ми беше сите работи кои според мене се многу убави и интересни да ги соберам на едно место, во една целина. Не се базирам на модните трендови, сакам безвременски парчиња кои и денес и после 10 години ќе изгледаат убаво.“
Есенското издание на Моден викенд Скопје заврши со ретроспективната ревија на Александра Јовановска и колекцијата „Архетип“ која е сублимат од нејзиното десетгодишно творештво како моден дизајнер. За сценографијата беше задолжена Екатерина Намичева а избраните песни на македонскиот бенд „FUNK SHIU“.
„Инспирациите во модните колекции се произлезени од лични доживувања и искуства, најчесто теми поврзани со идентитетот, традиција и културата, социјални и политички актуелности, историски интереси поврзани со земјата на живеење, еротската уметност, како и емоционални, семејни доживувања, модно преведни во рачно сликани мотиви, везови и детали изработени со рециклирање и реставрирање на текстил.“, рече Јовановска.
Нема коментари