Неуморна и инспиративна, следниот чекор на 96-годишната Ајрис Апфел е креирање на декоративна линија за уредување на домот, реализирана во соработка со Grandin Road. Оваа линија се однесува на мебел, декоративни предмети и ткаенини за домот, чаши и сервис за јадење, украсни перници со кои стилски ќе ја пренесете џунглата дома.
Колекцијата Iris Loves Grandin Road ја одразува енергичноста и ексцентричноста на Ајрис, нејзината разиграна стилска философија која сега е проширена на декорирањето на домот. Апфел ја знае важноста на модните и декоративните детали и ја следи својата максималистичка естетика и во предметите за домот.
-Најголем дел од животот го поминуваме во домот. Сите ние сакаме да го развеселиме и да го направиме забавен просторот во кој живееме. Мислам дека светлите бои и предмети можат да го направат тоа – вели Ајрис за колоритноста на нејзината колекција.
Колекцијата на Ајрис е инспирирана од една слика од Хаити, дел од нејзината уметничка колекција.
-Тоа е слика со многу различни животни, скоро како заеднички семеен портрет на различни животни. Си помислив коллку би било прекрасно да има чинии со ваков мотив и работите оттука се развија во цела колекција – раскажува Апфел.
Карипските мотиви, органските материјали, референците на џунглата, живописните бои се споија во оваа колекција на Ајрис, која е исто толку софистицирана, колку што е забавна. Колоритна, и со доза на хумор. Во винтиџ стил, но и модерна. Таа гламурозна, но удобна – исто како и стилот на Апфел.
Апфел која вели дека нема никакви правила или прописи за стилизирање на облеката или домот, ги советува декоратерите на ентериер да го прават она што чувствуваат дека е добро.
-Следи го инстинктот и знај кој си. Не ги следи трендовите. Купи го она што тебе ти се допаѓа, тебе те претставува и во кое ќе ужива семејството. И биди спремен за експериментирање – вели Ајрис.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари