Последната колекција на Кристофер Бејли за „Барбери“, прикажана вчера во рамките на Лондонската модна недела, носи една нова естетика во куќата со традиција стара 170 години и сосема нов стил, поразличен од сè она што Бејли досега го има прикажано во минатите 12 години како креативен директор. Бејли инспирација најде во познатиот скулптор Хенри Мур, а прикажа колекција за сезоната пролет-лето 2017, следејќи го својот нов „види сега, купи сега“ концепт. Употреби деконструкција, парчиња со скулптурален облик, игра со пропорции и форми, комбинации на тантела и кашмир, што е отстапување од досегашниот израз на дизајнерот преку безвременски креации и референци на традиционален британски класицизам. Новата насока е поекспериментална, поавангардна и посовремена. Промената во пропорциите се отсликува и во најпознатата креација на брендот – Барбери-мантилот, кој сега е деконструиран, со испревртени форми, и претставен во редефинирана димензија.
Нема коментари