Италијанската модна куќа „Гучи“ го претстави својот нов женски парфем Bloom, прв креиран под креативното водство на дизајнерот Алесандро Микеле, а како амбасадорка која ќе го промовира избрана е актерката Дакота Џонсон. Лансирањето на парфемот Gucci Bloom се одржа во Њујоршкиот музеј MoMA, веднаш по одржувањето на познатата Мет Гала. На презентацијата Микеле и Џонсон ги пречекаа гостите Лана Дел Реј, Таму Мекферсон, Соко, ТК Вондер со сестра ѝ Сипријана, во просторија украсена со 100.000 цветови, 300 растенија и 60 балиња на бамбус. Како што открива името на парфемот, станува збор за цветен мирис создаден од бело цвеќе како тубероза и јасмин, помешан со дрвенест корен на ирис и со Combretum indicum, ползавец со црвен цвет од Индија, кој за прв пат се појавува во парфем. Модната куќа најави дека парфемот ќе се појави на пазарот кон крајот на летото.
Нема коментари