Легендарното електро-денс дуо „Дафт панк“, што лани беше актуелно со мегахитот Get Lucky, ги собра најзначајните признанија на вчерашното доделување на престижните музички награди „Греми“, што се одржа во Лос Анџелес. Проектот Random Access Memories, на кој соработуваат со повеќе музичари, меѓу кои и Нил Роџерс и Фарел Вилијам, доби награди за најдобра плоча, најдобар албум , за најдобра поп-соработка и за најдобар електро-денс албум. Фарел Вилијамс ја доби инаградата за најдобар продуцент на годината.
Новозеландската 17-годишна пејачка Лорди, изненади со триумфот во категориите за најдобра песна на година, за Royals, како и за најдобра соло поп-изведба. Меѓу изненадувањата се и победата на Маклмор и Рајан Луис, кои победија во категориите за најдобри нови изведувачи, најдобар рап-албум- The Heist , за рап-изведба со Ванц за нумерата Thrift Shop, која доби награда и за рап-песна. Бруно Марс ја освои наградата за најдобар вокален поп-албум, за Unorthodox Jukebox, за инструментален поп-албум е награден Херб Алперт за Steppin’ Out, а за традиционален вокален поп-албум – Мајк Бабл. Во конкуренцијата за најдобра денс-плоча победи Clarity на Зед, придружен од Фоксис.
Златниот грамофон за најдобра рок-изведба го доби „Имеџн драгонс“ за Radioactive, а за метал-изведба „Блек Сабат“ за God is Dead. Меѓу рок-песните најдобра е Cut Me Some Slack на Пол Макартни, Дејв Грол, Крист Новоселич и Пет Смир, најдобар рок-албум е Celebration Day на „Лед Цепелин“. Од алтернативните албуми најдобро е изданието на „Вемпајр викенд“, Modern Vampires of the City. Пол Макартни ја освои и наградата за најдобар музички филм, за Live Kisses.
Најдобра аренби изведба е таа на Снарки Папи со Лала Хатавеј- Something, а традиционална аренби изведба- Гери Кларк Јуниор Please Come Home. За најдобра аренби песна е награден Џастин Тимберлејк, за Pusher Love Girl. Најдобар современ урбан албум е тој на Ријана, Unapologetic, а најдобро аренби издание е Girl on Fire на Алиша Кис. Признанието за најдобра рап-соработка отиде во рацете на Џеј Зи и Џастин Тимберлејк за песната Holy Grail. Нивното видео за Suit & Tie доби награда за најдобар спот.
Наградата за најдобар филмски саунтрак ја доби последниот Бонд-филм, Skyfall, а најдобра песна за филм има Адел за истиот филм. Најдобра компилација за на филм или визулени проекти е Sound City: Real to Reel. На 56. издание на цремонијата на „Греми“ впечатливи сценски настапи имаа повеќе ѕвезди меѓу кои Мадона, Бијонсе и Џеј Зи, Кети Пери, Пинк…
Нема коментари