Стилистички судир меѓу светлите и темните тоалети се случи вчера на „Оскарите“. Бежови фустани украсени со апликации и светки и тоалетите во бела боја контрираа на тенденцијата на враќање на темни тоалети на црвениот килим на најважното доделување на филсмки награди. Кејт Бланшет, добитничката на „Оскар“ за главна женска улога за „Тажната Јасмин“, блесна во фустан во беж боја попрскан со сребрени кружни апликации и светки од Џорџо Армани.
Kреации во сличен стил имаа Сара Полсон (светол фустан од Ели Саб украсен со светки), Анџелина Џоли (светол металик-фустан од Ели Саб), Кристен Бел (бел светкав фустан од Роберто Кавали), Наоми Вотс (бела тоалета од Келвин Клајн украсена со перли), како и Кејт Хадсон (бел структуриран модел на „Версаче“) и Џесиак Бил (модел од колекцијата на висока мода на „Шанел“).
Темни тоалети избраа Џулија Робертс, Шарлиз Терон, Сандра Булок, Ема Вотсон, Оливија Вајлд, Ејми Адамс… Терон изледаше одлично во црн припиен фустан со сирена-крој на „Диор“, Робертс избра модел украсен со тантела од „Живанши“, a бремената Оливија Вајлд носеше црн фустан однапред со едноставен крој, но со бел вметок во задниот дел.
Ен Хатавеј и Марго Роби избраа темни модели со светкав дел на корстот, едната во креација на „Гучи“, втората во фустан од „Сен Лоран“. Одушевија и Клен Клоуз, која носеше црна тоалета од Зак Пусен, како и Сандра Булок со одличен стајлинг со тегет фустан од Александар Меквин.
Дека не е сè црно и бело ни покажаа ретките креации во црвена и сина боја и неколкуте модни избори со шари. Младата Џенифер Лоренс, заштитно лице на „Диор“, носеше црвена припиена тоалета од овој француски бренд, со пеплум детаљ околу половината, а изгледот го надополни со ѓердан од платина од Нил Лејн вреден 2 милиони долари.
Лупита Нионго, среќната добитничка на наградата за споредна женска улога во „12 години ропство“, носеше светло син фустан со длабоко деколте од „Прада“ специјално креиран за оваа пригода. Лупита изјави дека бојата ја потсетува на небото над Најроби, градот во кој израсна, а бојата иако е пастелно сина, во контраст со нејзиниот прекрасен темен тен, изгледа како да е флуоресцентна.
Ако се земат предвид досегашните модни егзибиции на Лејди Гага, може да забележиме дека вчера изгледаше доста смирено во елегантниот фустан ан „Версаче“. Легендарната Мерил Стрип се одлучи за црно-бела комбинација, црвената беше избор за Олга Кирилиенко, а легендарната Лајза Минели се појави во панталони и туника во интензивно сина боја, а во истата нијанса обои и прамен од косата.
Пенелопе Круз се појави во светло розов фустан од Џамбатиста Вали дефиниран со црна панделка, а Кери Вошингтон, која наскоро треба да се породи, избра широк виолетов модел од Џејсон Ву. Манекенката Криси Тајген беше една од ретките што избра фустан со принт – модел со цветна шара од Моник Лулие.
Во однос на мажите, победниците на актерските награди, ѕвездите на филмот Dallas Buyers Club, Метју Меконахи и Џаред Лето, одлучија да облечат бело сако. Метју избра модел на Долче и Габана, а Џаред креација на Хеди Слиман за „Сен Лоран“. Актерот и пејач Џаред изјави дека многу ретко носи сакоа, најчесто може да го видиме во порокерски комбинации, но за оваа вечер сакал да изгледа во стилот на старовремски гламур.
Мажите за „Оскарите“ вообичаено бираат темен фрак, а „Гучи“, Џорџо Армани, Том Форд и Долче и Габана се омилените брендови. Слична идеја имаше и музичарот Фарел Вилијамс, но наместо долги панталони, носеше бермуди и фрак-сако од брендот „Ланвин“.
Нема коментари