Секоја година Институтот за костими при њујоршкиот музеј Метрополитен поставува голема модна изложба, а во пресрет на отворањето на изложбата во соработка со американски Vogue и неговата уредничка Ана Винтур организираат гала вечера која со текот на годините се претвори во најпрестижниот настан во агендата на познатите и модните личност со гламурозен црвен килим на кој му парира само оној оскаровскиот. Овогодинешната изложба се однесува на Кина и е насловена China: Through the Looking Glass, посветена на влијанието на кинеската култура во модата, уметноста и филмот, па во деновите пред гала настанот модните експерти се прашуваа како ѕвездите и гостите ќе ја интерпретираат темата на црвениот килим, без да изгледаат костимирано или уште пострашно со расистичка некоректност. Гала настанот има и добротворен карактер, па гостите плаќаат 25.000 долари за својата вечера, Сепак, тоа не значи дека секој што има пари може да присуствува, туку ви е потребна покана која ја аминува лично Ана Винтур. Винтур секоја година е главен домаќин на настанот, а годинава во таа улога ѝ асистираше актерката Џенифер Лоренс.
На црвениот килим видовме влијание на источно-азиското облекување, на пример во драматичната жолта креација од кинескиот дизајнер Гуо Пеи што ја носеше Ријана и во изборот на Сара Џесика Паркер која облече фустан креиран во соработка со H&M и раскошна шапка од Филип Трејси, до провокативните транспарентни фустани на Бијонсе и Ким Кардашијан кои избраа креации од „Баленсијага“ и од Роберто Кавали. Цветовите, црвените акценти и кинескиот вез беа доминантни на црвениот килим. Некои употребија суптилни рефренци на Кина, во принтот, во некој детаљ како ремен или кинески реси. Џенифер Лоренс избра сигурна и малку предвидлива креација од „Диор“ со цветна апликација во горниот дел. Лејди Гага се појави во волуменозна наметка која потсетува на облеката на кинеските императпри, креација на Александар Ванг за „Баленсијага“, а стајлингот го дополни со суптилна верзија на азиска шминка. За илустрација кој како беше облечен погледнете ги фотографиите од вчерашниот настан. (K.T.)
Нема коментари