Во месецот на филмски наградувања „Златен глобус“ има значајно место и веројатно важи за најрелевантно по „Оскар“. Во однос на модата се „наградува“ и изгледот на холивудските ѕвезди на црвениот килим. Победничка на „Златен глобус“, но и на црвениот килим на вчерашното доделување беше Џулиен Мур која избра сребрена тоалета во готски стил од колекцијата на висока мода на Рикардо Тиши за „Живанши“. Втор фаворит е Ема Стоун која покажа дека може да се забавувате на црвениот килим и изгледаше фантастично во комбинезон со сребрен корсет и голема панделка од „Ланвин“. Како и секогаш, постојат изгледи што одушевуваат, но и модни утки и погрешни стајлинзи. Доминираа црвени, бели и сребрени фустани, иако имаше и креации во други бои како жолта, волетови тонови и неколку нијанси на сина боја.
Впечатливи беа црвените креации – Алисон Вилијамс од серијата „Девојки“ носеше црвен фустан со слоеви од ситни карнери украсени со црвени шљокици од колекцијата Armani Privè на Џорџо Армани, а црвени креации со украсни камчиња имаа и Виола Дејвис и Хелен Мирен. Во црвено беше облечена и Хајд Клум, која никако да погоди успешен стајлинг на црвениот килим на разни настани.
По црвената боја највпечатлив извор беа сребрените и светкави креации. кои се движат од суптилна сјајна ткаенина како фустаните на Риз Витерсун и Даен Кругер, до обемно користење шљокици како во тоалетите на Дакота Џонсон и Џулиен Мур. Во сребрено беше облечена и Џенифер Лопез која изгледаше секси и провокативно во фустан од Зухаир Мурад со длабоко деколте и висок шлиц. Ваквите фустани се доста смели и понекогаш нападни, па најдобро е да се стилизираат со помалку накит и контрасни чанти, па така позитивен пример е Даен, а негативен Дакота која сребрената чанта која блешти колку и фустанот можела да ја замени со поинаков модел.
Кејт Хадсон избра холивудски гламур со сексапилни елементи носејќи бел фустан со длабоко деколте од колекцијата на висока мода на „Версаче“, а во бело на црвениот килим се појавија и Емили Блант и Розамунд Пајк. Пајк која периодов се смета за новата модна миленична, потфрли со вчерашниот избор на бел фустан со чуден крој кој воопшто не ѝ ласкаше на силуетата. Светли креации со ситен принт избраа и британските актерки Кира Најтли и Сиена Милер – Кира носеше малку чудна креација од „Шанел“ украсена со пеперутки и пердуви, но подобро изгледаше Сиена во модел од „Миу Миу“ со вез и циркони. Креации на италијанскиот бренд „Миу Миу“ носеа и Кејт Мара и Меги Џиленхал.
Нема коментари