Врвот на сезоната на филмски награди е доделувањето на „Оскарите“ и во однос на модата избор на ѕвездите за на црвен килим. Покрај наградените филмови, фокусот е и на модата, кој што облекол и кој ќе биде „награден“ со титулата најдобро облечен, а кој ќе биде прогласен за личност со најлош стил. Вчерашниот црвен килим пред Долби татарот во Лос Анџелес донесе серија на бели и црвени тоалети, но и креации во скоро сите други бои, едноставни кроеви и притаен гламур наместо раскошни тоалети, доволна доза на светкави такаени наместо на претерана употреба на шљокици, ненападен накит и бисери аплицирани на облеката, се разбира и неколку сосема откачени изгледи (да, Лејди Гага, ти го освои првото место во оваа категорија), но за жал, многу малку инвентивни изгледи, фустани и стајлинзи што ќе го одземат здивот на прв поглед.
Да почнеме од наградените Џулиен Мур и Патриша Аркет. Џулиен носеше бел светкав фустан со сирена крој и со апликации на цветови, креација од колекција на висока мода од „Шанел“, и иако изгледаше прекрасно и сосема коректно, во минатиов период имаше многу подобри модни комбинации за на црвен килим. Аркет избра црно-бел фустан, креација на нејзината пријателка Розета Гети, и за разлика од Мур, изгледаше многу подобро од претходните изданија од минатите месеци.
Бели или црно-бели фустани избраа и Марион Котијар (бела тоалета од висока мода на „Диор“ со црна лента под задникот), Риз Витерспун (бел сирена фустан со црни ленти од Том Форд) и Лупита Нионго (бел и украсен со бисери од Келвин Клајн). Лејди Гага привлече внимание со фустан од Азедин Алаја, специјално креиран за пејачката за овој настан на кој се работело повеќе од два месеца, а со стајлингот дополнет со црвени ракавици, повеќе претставуваше уметнички став, отколку оскаровски изглед.
Креации во светли тонови и со светкави ткаенини видовме кај Гвинет Палтроу (розов фустан со детаљ на 3Д цвет на рамото од Ралф и Русо), Никол Кидман (светкав и со црвен појас) и Џенифер Анистон (светкав и припиен фустан во бежова нијанса). Најраскошно изгледаше Џенифер Лопез во фустан од светол тул од Ели Саб.
Позитивни примери на убаво обечени беа британската актерка Кира Најтли која носеше етеричен и поетичен фустан од висока мода на „Валентино“, потоа Наоми Вотс во сребрно-црн модел од Армани Приве, а во црно беа облечени Сиена Милер која носеше креација од Оскар де ла Рента и Марго Роби во модел од „Сен Лоран“ кој е нетипичен избор за оскаровска вечер.
Дел од актерките избраа интензивни бои на фустани. Номинираната актерка Розамунд Пајк изгледаше одлично во црвен припиен фустан со тантела од „Живанши“, а во тој тоналитет беа и Дакота Џонсон, Бехати Принслу и Софи Хантер.
Кејт Бланшет се појави во црн фустан, креација на Џон Галијано за последната колекција на Maison Margiela, стилизиран со впечатлив тиркизен ѓердан од „Тифани“. Темни фустани избраа и Рита Ора и Чесика Частеин.
Меѓу машките ѕвезди, наспроти вообичаените темни фракови, како на пример оние од „Прада“ на Итан Хоук и Комон, или тегет костумот на Еди Редмејн, видовме и неколку необични комбинации. Оскаровец Ј.К. Симонс надвор од правилата носеше шапка на црвениот килим, Дејвид Ојелово избраа темно црвен костум, а Џаред Лето се појави во фрак во боја на лаванда и нетипични бели чевли.
За жал, вечерта видовме доста модни утки или несоодбетни комбинации. Скарлет Јохансон тотално разочара со изгледот во овој зелен фустан од „Версаче“, Фелисити Џонс носеше криноленеста и малку гломазна тоалета од Александар Меквин во која актерката како да се изгуби, а Соланж избра фустан без конкретна форма и со ролка.
Нема коментари