Младиот Мартин Мицев кој студира графички дизајн на ФОН Универзитетот денови ја презентира својата прва модна колекција наречена Sensitivity, која доби и свој едиторијал што го потпишува битолскиот фотограф Владимир Видановски и во кој се појавуваат Вера Ангелакова и Искра Младеновска од модниот блог Aesthetics Illustrated. Едиторијалот е наречен Shades of Marble и е снимен во Bushi Resort & Spa во Скопје и ја илустрира црно-белата колекција на Мицев кој работи креира под брендот MetexM.
-Отсекогаш сум имал пасија за мода, редовно следам што има ново во модниот свет. Ова ми деби колекција и прв поголем чекор што го правам. Концептот на MetexM е да функционира како онлајн продавница за облека која што јас ја дизајнирам. Во моментот постојат профили на Фејсбук и Инстаграм, но блогот е во изработка – вели Мартин.
Креаторот за Stylist.mk откри дека главна инспирација за колекцијата е кревкоста на женскиот карактер и поради тоа се задржал на класичните кроеви, црната и белата боја, како и на нежните и еластични материјали.
-Се задржав на класични кроеви кои ги преточив во мојата колекција, кои никогаш не излегуваат од мода, со цел преку боите и материјалите од кои се изработени да покажам колку храбра, елегантна и заводлива може да биде секоја жена покрај нежноста што ја носи во себе. Проектот го сработив со фотографот Видановски и Вера и Искра од Aesthetics Illustrated, двете првенствено како модели, но и презентација на самата колекција преку нивниот блог. Накитот е на Магдалена Димковска (Daemonium). Многу сум среќен што целиот проект излезе како што очекував. Во иднина панирам да се задржам на мојата естетика и да ја преточам во многу носливи модели – ни рече дизајнерот.
Дизајнер: Мартин Мицев/ Фотографија: Владимир Видановски/ Модели: Вера Ангелакова и Искра Младеновска/ Фризура: Милан Манев/ Шминка: Радица Андреевска/ Накит: Магдалена Димковска/ Локација: Bushi Resort & Spa
Нема коментари