Stylist.mk во рамки на Super Design Pop-Up Store, кoj ќе се одржи на 9 и 10 мај во МКЦ ќе организира т.н. консалтинг агол, во кој ќе нуди бесплатни модни совети. Уредничките на Stylist.mk ќе им помогнат на посетителите на дводневна поп-ап продавница да направат соодветни комбинации од понудените парчиња на облека и накит од дизајнерите-учесници на настанот. Неколку стајлинзи ќе бидат изложени и во галеријата на МКЦ. Покрај тоа, тимот на сајтот со фотоапарат ќе ги „улови“ личностите со најуникатни стајлинзи.
Stylist.mk, кој почна со работа во декември 2013 година, е специјализирaн онлајн магазин за мода, убавина, уметност и животен стил, кој функционира и како асоцијација. Во него силите ги здружуваат трите модни новинарки/уреднички со долгогодишно работно искуство во областа на модата: Катерина Трајановска, Ана Несторовска и Снежана Јаначковска-Богдановска. Приоритет на асоцијацијата и сајтот Stylist.mk e подигнување на стандардите на нашата сцена за тоа што е квалитетно и модерно, како и истакнување и поддршка на автентичен дизајнерски и уметнички израз.
Во таа насока, во рамките на изминатите две изданија на Модниот викенд-Скопје, Stylist.mk организира дебати и додели награди: за најдобра колекција, најнадежен дизајнер и за најдобар манекен/ка. Дебатите, на кои учествуваа модни дизајнери, новинари, блогери и менаџери, беа на темa: „Пласман на модата во медиумите“ и „Оригинали и копии во македонската мода“. На Stylist.mk може да се прочитаат новости, извештаи, интервјуа и анализи поврзани со македонската и светската модна сцена, како и да се погледнат едиторијали и галерии од најголемите модни случувања.
Нема коментари