Циркуската атракција Cirque du Soleil поднесе барање за заштита од стечај во Канада, каде што е седиштето на компанијата, оставајќи 3.500 вработени без работа. Ова е резултат на пандемијата на коронавирус, поради што претставите беа откажани.
-Со нула приход, бидејќи сите наши настапи заради Ковид-19 беа присилно откажани, раководството мораше да постапи одлучно за да ја заштити иднината на компанијата – рече извршниот директор Даниел Ламар.
Сепак, канадската компанија постигна договор со постојните акционери, вклучувајќи ги TPG Capital, Fosun International Ltd и Caisse de depot et plaction du Quebec, според кои групата ќе ги преземе обврските на циркусот и ќе инвестира 300 милиони американски долари. Како дел од инвестицијата, канадското владино тело наречено Investissement Québec ќе обезбеди 200 милиони долари за финансирање на долговите.
Канадскиот закон им дозволува на големите корпорации да ги реструктуираат своите финансии и на тој начин да избегнат банкрот, истовремено дозволувајќи им на доверителите да добијат некаква форма на исплата на долгот.
Законска заштита ќе бараат и во САД каде што имаат редовни настапи во Лас Вегас и Орландо.
Планот е повторно да се вработат поголем дел од отпуштените работници со цел да продолжат да работат.
Инаку Cirque du Soleil се гуши во долг што изнесува скоро милијарда долари.
Cirque du Soleil важи за најголемиот современ циркус кој продуцира претстави кои се базираат на акробација, циркуска уметност, театар, перформанс, а во кои не учествуваат животни.
Нема коментари