Американскиот идни-рок бенд !!! (Chk Chk Chk) е првиот потврден состав за четвртото издание на скопскиот фестивал за нова музика, „Здраво млади“ . Концертот ќе се одржи на 23 мај во Младинскиот културен центар. Оваа информација ги израдува многуте македонски фанови на овој денс-панк состав, кои изминатите години патуваа во Загреб или Солун, за да го погледнат во живо овој атрактивен електро-состав. Групата „Чк чк чк“ e основана во 1996 година во Сакраменто, Калифорнија, како фузија помеѓу локалните состави Black Liquorice, Popesmashers и The Yah Mos. По заедничката успешна турнеја, овие три екипи одлучиле да го спојат диско-фанкот со ангажираните звуци. Името на бендот е инспирирано од титловите во филмот „Боговите паѓаат на теме“, во кој „говорот“ на Бушманите било означено со интерпункцискиот знак „!“.
Првoто долгосвиречко издание, издадено во 2000. година, насловено како и името на бендот веднаш ја покажува магичната моќ на нивната уникатна денс музика, зачинета со бескрајно софистицираниот хумор. Во 2003 година следува популарниот сингл Me and Giuliani Down By the School Yard, додека вториот албум Louden Up Now, го издаваат во јуни 2004. (во Америка за независната издавачка куќа Touch and Go, а во Европа за англискиот денс специјалист Warp Records). Третиот, комерцијално најпознат албум Myth Takes го издаваат во 2007.
Бендот го сочинуваат Марио Андреони (гитара), Дан Горман (хорни/перкусии/клавијатури) Ник Офер (вокали), Тајлер Поуп (бас/електроника) и Ален Вилсон (хорни/перкусии/клавијатури). На турнеи се придружувани и од Шенон Фанкис (вокали), Шон Мек Гехен (електроника/звучна манипулација) и Пол Катроне (тапани). Во последните години бендот работи на релација помеѓу Сакраменто и Њујорк.
Нема коментари