Сите гастрофили и хедонисти, уживателите во вкусната храна и убавото вино, но и оние љубопитните и отворени за испробување нови деликатеси, сега имаат можност да искустат извонредниот гастрономски концепт Chef’s Table во „Дистрикт бар и ресторан“ во склоп Marriott Hotel во центарот на Скопје. Заедно со неколку избрани личности уживавме на првиот Chef’s Table во богатите вкусови подготвени од страна на Кирил Ставрев, Executive Chef во „Дистрикт“, кој на оваа позиција доаѓа од Marriott во Вашингтон и има скоро децениско куварско искуство во САД. Кулинарските специјалитети што ги пробавме беа збогатени со селектирани вина на „Тиквеш“ и „Стоби“. Овој нов иновативен начин да уживате во храната ќе се случува секој вторник во „Дистрикт“ и во оброците од новите менија што ќе бидат понудени на Chef’s Table.
„Chef’s Table е нов и уникатен начин да поминете време со вашите колеги, пријатели и семејство уживајќи во гастрономски ремек-дела. Секој месец, ќе подготвуваме ново мени исполнето со 5 до 10 јадења, кулинарски приказни од различни делови на светот, кои пред Вас ќе ги „раскаже“ нашиот Executive Chef – Кирил Ставрев. Преку неговите талентирани раце и вешта презентација на секој оброк, ќе патувате низ светот на техниките, ќе ги вкусите тајните и ќе ѕирнете во уметноста во кулинарството. Опуштете се и уживајте во патувањето, бидејќи животот навистина е вкусен со нас“, порачуваат од „Дистрикт“.
На првиот Chef’s Table пробавме пет различни оброци и вкусивме различни вина, а гастро сторијата ја почнавме со Amuse Bouche, првото нешто што ќе ги возбуди вашите непца и ќе ве воведе во целото мени. Деликацијата што пробав за да го разбуди непцата беше пилешка кожа глазирана со мед и со зачини, со додадок од афионско семе, крцкаво и слаткасто, интересен старт на вечерта. Нашиот кувар Кирил потоа ни понуди скалопи со црн кавијар и сос од лимон и путер, одлично сервирани во голема школка која што е потоа ставена врз гнездо од зелена мов. Изгледаше светски, беше превкусно, а одлично одговараше со чаша просеко.
Следеше свинско филе роловано во зачини и пушена foiе gras, кувано medium rare, што малку е необично за нас, бидејќи месото го подготвуваме многу кувано и печено. Но, пробајте, ќе се изненадите од предобриот вкус! Свинското филе беше поставено под стаклено ѕвоно, кое ја криеше аромата и димениот вкус сè до моментот додека не го вкусивме, а со него пробавме бело вино на „Тиквеш“(Sauvignon Blanc ss 2017) кое е пивко и нема да го поклопи вкусот на храната.
Сосема ново искуство беше следното на менито – свежи лангустини со киноа, пире од грашок и кулис (супа) од црвена пиперка, поинакво вкусување на морски плодови, заокружено со шардоне на „Тиквеш“. Ритамот црвено месо-морски плодови го заокруживме со телешки рибај со сос од црн лук и моркови во глазура од хариса сос, и чаша црвено вино, изборот беше Тиквеш Cabernet Sauvignon SS 2016. Гастрономското доживување го финиширавме со десерт – „смрзната“ панакота со red velvet powder врз сос од карамела, со чаша розе (Stobi Rose Allegro), совршен крај на целото мени.
Топло го препорачувам ова гастрономско уживање. Секој вторник имате шанса да уживате во уникатните кулинарски приказни благодарение на „Дистрик“ и Кирил. Резервирајте свое место на масата на Chef’s Table, заминете со пријателите за поинаква дружба, но и сами или во двојка, идејата е покрај новите јадења, да комуницирате со нови луѓе и барем за една вечер да уживате заедно во храната. Јас ги запознав Адријан и Џен од Австралија, динамична двојка која сака да патува и истражува нови земји, култури, особено сакаат да пробуваат нова храна и вино. Во Македонија дошле во потрага на нови вкусови, а Адријан вели дека му е криво што не пробале сарма, специјалитет кој го запознал благодарение на соседите Југословени.
Нема коментари