После повеќе сезони глобтротерство низ светот за поставување на ревиите за cruise колекциите (Дубаи, Хавана, Рим, Сингапур), и откако не доби дозвола од грчкото министерство за култура за да направи ревија на Акропол во Атина, Карл Лагерфелд одлучи таа се случи дома, во Париз. Конечната локација за новата Chanel Cruise 2018 колекција е Grand Palais во Париз, во која редовно поставува ревии за „Шанел“. А овојпат салата ја трансформира во живописен сет со антички урнатини и столбови. Ако не може во Грција, тогаш Грција ќе ја донесе во Париз.
Насловена „Современоста на антиката”, новата колекција „Шанел“ е инспирирана од Античка Грција – многу драпирање, креации со едно рамо, златни акценти и украси на главата со кои манекенките изгледаа како грчки божици. За дополнување за изгледот Лагерфелд предлага модерна верзија на гладијаторски сандали во повеќе ведри бои. Во неговото имагинарно визуелно патување тој ги вметна и заштитните знаци на куќата „Шанел“ – туники и други модели од твид со излитени рабови и шанел-сакоа.
Колекцијата La Modernité de l’Antiquité ” се однесува и на фасцинацијата на Коко Шанел, основачката на модната куќа, со античкиот период во Грција. Таа дури и дизајнирала костими за „Антигона“ на Жан Кокто во 20-тите години од минатиот век. Но, иако инспирацијата за оваа колекција е евидентна, Лафгерфелд изјави „Таа нема никаква врска со земјата. Реалноста не ме интересира. Јас го користам она што ми се допаѓа. Мојата Грција е мојата идеја за Грција“.
Нема коментари