Модната организација BAFE (Balkan Art Fashion Event) го најавува своето деветто издание кое почнува на 24 ноември во Белград со ретроспективна изложба на фризури, а веќе следниот ден на програмата се претставувањата на млади модни автори од земјите на регионот, од Македонија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Словенија, и Босна и Херцеговина. Целта на настанот е стручната и пошироката публика да се запознае со работата на младите уметници и да им даде поддршка за унапредување на нивната работа.
Младите модни дизајнери од регионот ќе се претстават на ревии распоредени во три дена, на 25, 26 и 27 ноември, а на конкурсот за учество се избрани четири дизајнерки од Македонија – Елена Максимовска, Магдалена Таневска, Моника Ангелевска и Радмила Георгиева. Елена Максимовска ќе ја претстави колекцијата „Мираз“ инспирирана од стилот „ала турка“, кој бил застапен во Македонија за време на птоманската империја. Нејзината колекцијата е наменета за млади храбри девојки и содржи модни парчиња декорирани со златни елементи, со конец од срма, златни ленти, реси и слична орнаментика.
На BAFE ќе се претстави и Магдалена Таневска со колекцијата Recycled Jeans, за која се инспирира од рециклирањето, феминизмот и слободата. Процесот на изработка на моделите е комплексен и се користи пачворк-техника. Дизајнерката употребува џинс-ткаенина, а како додаток ќе има мали традиционални капи од Балканскиот полуостров.
Учество на BAFE ќе земат и Моника Ангелевска и Радмила Георгиева, кои студирале моден дизајн на Европски универзитет. Ангелевска ќе ја претстави колекцијата Monument, која нуди 8 парчиња за есен-зима 2016 и која настанала инспирирана од уметничкото движење на констуктивизмот и од констуктивизмот на скулптури. Колекцијата на Георгиева е на тема „Носталгија“ и е инспирирана од печалбарството во Македонија. На моделите е претставен носталгичен круг изработен од текстилни бои. Колекцијата е изработена од чоја, тревира и памук, а доминираат црвена, зелена и црна боја.
Моника Ангелевска и Радмила Георгиева ќе се претстават на 26 ноември, а Елена Максимовска и Магдалена Таневска на 27 ноември. Ревиите се одржуваат во СКЦ во Белград. (К.Т.)
Нема коментари