Со цел да даде свој придонес во подобрување на состојбата на уличните мачки, брендот за модни додатоци „Гоблен“ донира накит на Здружението за заштита на животните „Анима Мунди“. Активистите од оваа добротворна организација од јануари 2015 година планираат секој месец да имаат барем еден настан на кој ќе се собираат средства за стерилизација на мачки. Во склоп на тоа ќе бидат понудени и производите што ги донира „Гоблен“. Ќе биде направен албум на страната на „Анима Мунди“ на Facebook и секој кој ќе уплати донација од 100 денари на сметка со целна ознака „За стерилизација на мачки“ ќе добие подарок по избор.
„Гоблен“, кој е препознатлив по изработката на раскошен накит со театралност, слики и богат рачен вез, за оваа прилика создаде ѓердани и брошеви.
- Парчињата накит се со графички решенија, зад кои стои Иванка Ниневска, со очи од мачка и куче, испечатени на сатен од кој што се облекуваат копчиња на машина. Брошевите се апликации од тантела, копчиња и бисери на основа круг. За ѓерданите привезоците ги изработивме на ист принцип со печатење на сатен. Задоволна сум од соработка со „Анима Мунди“. Успешни колаборации настануваат секогаш меѓу луѓе со слична енергија. Љубовта е таа која спојува-вели Евгенија Петровска Вангелова, која стои зад брендот, што за оваа акција изработи и донира 90-тина парчиња модни додатоци.
Активистката на „Анима Мунди“, Ивана Јосимовска, вели дека се свесни дека ова не е најидеалниот начин за продажба кај нас, а во меѓу време ќе се обидат да обезбедат место во градов каде што ќе може да ги изложат и да постават донаторска кутија, за да бидат подостапни.
-Се работи за нова добротворна програма (гласањето за името е деновиве) во рамките на „Анима Мунди“ која се залага за хумано, одговорно и информирано општество, каде што мачките се внимателно чувани како миленици, а уличните мачиња сетретирани со почит и добрина-вели Ивана.
Едукацијата на населението е едно од клучните фактори применувањето на ситуацијата во општеството. За да дојде до промени потребно е да се вклучат сите. Од „Анима Мунди“ планираат да инспирираат со позитивни примери на граѓани, кои се општествено свесни и кои безрезервно помагаат.
-Тимот на „Гоблен“ е еден прекрасен пример за тоа. Евгенија нè исконтактира во текот на подготовката на овој проект со желба да помогне на животните донирајќи дел од своите убави рачни изработки. Таа одлично се вклопи во целата приказна, изработи потполно нов дизајн на брошеви и ѓердани посебно за оваа намена. Дизајнот е фантастичен и во својата основа содржи слика со око на маче како една варијанта и принт со око на куче, како втора варијанта. Рачната изработка дава посебна убавина, а тоа што се наменети за стерилизација на улични мачиња мислам дека ги прави магични. Тимот на „Гоблен“ има префинето око за детали и секое парче има свој печат и уникатна убавина, дури и пакувањето не е случајност и има одлични рачно изработени кутии за ланчињата, што се приказна сама за себе. „Гоблен“ е од оние приказни што оставаат длабок печат на времето во кое постојат и како секоја уметност имаат дирекно влијание на клутурата. Се надеваме дека ова соработка ќе продолжи и ќе инспирира уште многу други да ни се приклучат, да станат повеќе свесни за нашето опкружување и останатите живи суштества со кои го делиме овој наш град. Мислам дека е време за промена, наместо да ги уништуваме – да им помогнеме. Нема поголема радост од таа да помогнеш некому, посебно на животните кои немаат никој друг да зборува во нивно име-вели Ивана Јосимовска.
Секој ќе може да добие ѓердан или брош со симболична донација од 100 денари, да има прекрасен моден детал и да знае дека со својата донација спасил живот.
- Сите сретства од овие 90 парчиња кои ги донираше „Гоблен“ ќе бидат наменети за стерилизација/кастрација на мачки, ова е посебно важно за нас затоа што со помош на овие сретства проектот треба да ги направи своите први чекори. Навистина немам зборови за да се заблагодарам доволно на „Гоблен“ како бренд и сиот труд кој е вложен. Оваа наша соработка е прва, и планот е да не застанеме тука. Со секој купен производ на „Гоблен“ Вие донирате за животните и оставате простор за создавање на нови парчиња. Со секое купено парче Вие веќе сте дел од нашата успешна приказна-вели таа.
Причина зaшто започнале со работа на овој проект е суровоста кон мачките, со која како активисти на „Анима Мунди“ секојдневно се соочуваат.
-Уличните мачки безмилосно и постојано се трујат, напуштени миленичиња кои никогаш не биле надвор, мали мачиња кои се фрлаат во ќеси додека не се задушат или фрлени во кутии покрај контењерите, физички злоставувани од деца и возрасни, постојано газени од моторни возила… суровост на која како да и нема крај. Но она што како општество и граѓани забораваме е дека иако човечката цивилизација и домашната мачка еволуирале еден крај друг, популацијата на улични мачки не е создадена од страна на луѓето. Мачките живеат надвор многу долг период – тие не се нови во средината и не потекнуваат од напуштени домашни миленичиња. Напротив тие таму живеат илјадници години и се дел од природниот еколошкиот систем. Во Скопје сè уште не постои сатационар што се справува со уличните мачки, што според нас има и позитивни и негативни аспекти. Тие најчесто ја застапуваат програмата за заловување и вдомување, а доколку не се вдомат настапува убивање на мачките. Уличните мачки не секогаш се питоми и компактибилни за вдомување и најчесто завршуваат убиени, а нивното отстранување од територијата прави „Вакум ефект” и населување на нова колонија. Со започнување на програмата ние сакаме да го промовираме „фати -стерилизирај- врати“- системот кој подразбира, заловување, проверка на здравствената состојба и стерилизација/кастрација на мачките и по опоравувањето, нивно повторно враќање на истата локација. Со ова се подобрува здравствената состојба на мачката, се стабилизира бројот на колонијата, тие стануваат подобри соседи заради промената во однесувањето, а воедно рапидно се намалува и бројот на новородени мачиња- вели Јосимовска.
Сметката за донации на Анима Мунди е :
Денарска сметка: 240090002006130,
Депонент: Уни Банка АД – Скопје
Нема коментари