Дизајнерката Силвија Михајловска која го потпишува брендот „Алшар“ има нова есенска колекција наречена Pieces of Revolution за која инспирација пронајде во „сите неконвенционални девојки кои ги следат своите импулси, се стремат да бидат слободни во секоја смисла, не прифакаат никакви лажни идоли ниту „паѓаат” на ефтин гламур“.
-Ова воедно е и моја мала револуција против сите лажни принципи со кои секојдневно се конфронтираме. Паролата „Слобода или смрт” (испишана на некои креации и користена од нашите револуционери) за мене носи силна порака во духовна конотација. Ова е есенска ready to wear колекција која има 27 изгледи и понатаму ќе се надополнува до пристигнување на зимската колекција – вели Силвија.
Дизајнерката ни откри дека креациите се изработени од природни материјали како кадифе, свила, пуплин, памучен тафт, најмогу има асиметрични фустани и здолништа со истакнати големи џебови во милитари стил, потоа широки парка-јакни и блузи со качулки испишани со помалку провокативни пораки и кои претставуваат statement парчиња, како и кошули инспирирани од облеката на Johnny Rotten, фронтменот на Sex Pistols.
-Фотосесијата е направена во моето ново работно студио во соработка со фотографот Никола Кметовски. Се појавуваат моделите Маја Илиоска и Сара Миленковска (модна агенција „Подиум“), а за шминката и фризурата се погрижи „Студио Сергеј“ – вели дизајнерката за тимот кој стои зад новиот lookbook на „Алшар“.
Нема коментари