Дизајнерката Силвија Михајловска која креира под брендот „Алшар“ деновиве подготви фотосесија со новите модни парчиња за пролет-лето 2015. Во соработка со моделот Маја Илиоска и фотографот Никола Аџиевски, таа склопи фотоприказна со новите креации во која се забележуваат референци на диско ерата од 70-тите години, декада која се чини е доста инспиративна за домашните и за странските дизајнери.
-Креациите се инспирирани од седумдесеттите, но формите се прочистени и го отсликуваат мојот стил на работа. Некои модели го доловуваат боемскиот шик, некои се со диско елементи, а некои се весели, денски фустани и здолништа кои со шарите потсетуваат на тоа време, но се во сосема модерен дух и ги следат денешните трендови – изјави Силвија.
Новата колекција на „Алшар“ покрај шарените денски фустани, содржи и вечерни креации. Моделите се изработени од фини пријатни ткаенини, кои се погодни за носење во топлите денови, а доминира жолтата боја и сиво-сребрените тонови. Колекцијата рефереира на диско ерата од 70-тите што може да се забележи и во употребата на сребрени пулејки, но и на боемскиот стил преку цветниот дезен. Дизајнерката Михајловска на модната сцена е од 1999 година, а пред неколку години го отвори своето ателје „Алшар“ под чие име редовно креира колекции. (К.Т.)
Нема коментари