Без разлика дали сте идна невеста, матурантка, дали планирате некое патување, вечерно излегување или сакате да вметнете романтина нишка во вашиот секојдневен изглед за на работа, бохо-плетенките секогаш се актуелни. Со нив секогаш ќе изгледате нежно, женствено и впечатливо. Станува збор за лежерно собрана коса во една или повеќе плетенки, кои се пуштени на страна, на двете рамена, завршуваат во пунџа или се собрани како венец.
На неодамна одржаното доделување на „Оскарите“ овој тренд го забележавме кај неколку ѕвезди. Косата на Оливија Вајлд беше сплетена во вид на римски венец, додека кај Кристи Тејган имаше внетрешна плетенка со растурени завршетоци. Внатрешните плетенки во вид на венец често се појавуваат на црвениот килим, и секогаш изгледаат свежо и модерно. Се паметат ваквите фризури на Сиена Милер, Емили Блант, Кира Најтли, Кејт Босфорт…Додека едната внатрешна плетенка со намерно изоставени прамни, има носено Оливија Палермо, Кјара Ферањи, Блејк Лајвли и други.
За време на модните недели во Њујорк, Лондон, Милано и Париз голем број на посетителки и блогерки носеа две внатрешни плетенки, или една лежерно собрана на едното рамо. Без разлика на тоа кое годишно време е, кој стил го негувате, која возраст сте, каква форма на глава имате, каква боја на коса или на каков настан присуствувате ова е една од најприлагодливите фризури.
Нема коментари