Италијанската манекенка Бјанка Балти, муза на дизајнерскиот тандем Долче и Габана избра токму нивен модел на својата свадба со долгогодишниот партнер Метју Мекреј што се одржа на првиот ден од месецот август. Но свадбата не се одржа на Сицилија како најочигледна сценографија за Балти и за Долче и Габана, туку во едно луксузно летувалиште во Лагуна Бич, Калифорнија.
Изборот на венчаница од Долче и Габана никого не изненади, ако се земе предвид долгодишната соработка на Бјанка со дизајнерите. Таа се појавува скоро во сите рекламни кампањи на брендот, и е заштитно лице на парфемот Dolce&Gabanna Light Blue.
Венчаницата на Бјанка е децентен модел од раскошна тантела и цветни мотиви, со нагласено деколте и гол грб, со крој кој ја дефинира половината и со кратки балон-ракави. Фустанот беше специјално креиран за манекенката, а дизајнерот Срефано Габана присуствуваше на свадбата и лично се погрижи за изгледот на невестата. Нејзините две ќерки носеа слични модели прилагодени на нивната возраст.
Иако свадбата се одржа во Калифорнија, Бјанка сакаше да ја задржи медитеранско-италијанската тема, па декорот беше во знакот на лимони и портокали. И свадбената торта ја следеше темата – таа имаше цитрусен вкус и модерен таканаречен naked изглед без фондан и надворешно декорирарње со фил.
*Не е дозволено пренесување на содржината на www.stylist.mk без одобрение на уредништвото. При објавување на материјали од модниот сајт www.stylist.mk, во други медиуми задолжително наведете го изворот од кој е преземен текстот и поставете хиперлинк. Цитирањето и објавувањето на линкот е задолжително, во спротивност ќе подлежите на правни мерки.
Нема коментари