Бизнис и рекреација – чудните времиња родија чудни деловно-лежерни комбинации
За време на карантинот, за прв пат, многумина од нас ги почувствуваа радостите на работењето од дома. И, иако не секој има деловен кодекс на облекување, во исто време ја почувствувавме разликата помеѓу облеката за работа во канцеларија и за работата од дома. Додека работиме од дома, доколку немаме видео конференција или Zoom состанок, понекогаш едвај облекуваме фармерки, маица, тренерки, неретко остануваме и во пижами. Можеби лежерниот стил не го поттикнува работниот дух, сепак носи удобност, а новите чудни времиња предизвикани од пандемијата на Ковид-19 и примораноста да работиме од дома, нè навикнаа да ги споиме работата и удобноста. Или во моден контекст, ги споивме строгиот деловен изглед со удобниот кежуал стил. Лежерни по дома, ама ако треба да се обратите преку видео врска, долу ќе ги задржите хеланките или некое друго удобно парче, ама горе ќе облечете сако.
Во јазикот на модата, додаваме нов жанр – biz-leisure. Изразот по аналогија се роди о аthleisure, неколкугодишниот тренд на облека погодна за спорт, а која што ја носиме и после спортување. Biz-leisure ја означува облеката што ќе ја носите на следната Zoom конференција, во која ќе се чувствувате пријатно и опуштено – бидејќи сте дома. Доаѓаме до спојот на бизнис и облека за по дома: сакоа и хеланки, кошули со сатенски панталони во пижама-стил, блејзер со долна тренерка, сако и кошула со спортски шорцеви… Горе Zoom состанок, долу Netflix & Chill лежерност.
Овој моден жанр сè уште се пробива и обликува. Се појави од потреба, како место каде жените особено сакаат да ја прифатат удобност додека се дома цел ден, но не сакаат да го изгубат чувството за стил. „Додека светот околу нас е сè пострашен и непредвидлив, она што ние ќе избереме да го носиме е еден начин на грижа за себе. Логично е во време на стрес и загуба да гравитираме кон облека што може да предизвика чувство на удобност и смиреност, како мек џемпер или пријатна дневна облека“, смета рече психотерапевтката Мелани Робинсон. Изминатиов период ги прифативме тренерките како Инстаграм тренд, на истава социјална мрежа се појави и овој нов biz-leisure тренд, односно тренерки кои понатаму се комбинираат со строго сако или деловни панталони – карантински стил, кој ќе видиме дали ќе заживее и после карантинот. „Комбинирам кошула и сако со спортски градник, хеланки за вежбање и патики, бидејќи сакам да носам #WorkFromHome изглед, кој е лежерен, но и исто така и професионален. Ако хеланките и патики ги носам со дуксер, тоа е веќе викенд-комбинација“, вели инфлуенсерката и консултнатка Стефани Брук.
Biz-Leisure не е само модна естетика, тоа е начинот на кој сакаме да се облекуваме сега, додека се засолнуваме во место кое има повеќе врска со емоциите, отколку со што било друго. Се обвиваме во дебел памук за да најдеме утеха, кашмир за удобност, а сакото нè потсетува на тоа како претходно сме функционирале, што некогаш сме правеле и каде некогаш сме оделе. „Облеката навистина може да влијае на моето расположение и ми требаат блејзер и кошула за да се излажам себеси дека сум во канцеларијата. Исто така сметам дека е важно да изгледаме професионално и репезентативно за време на Zoom состаноците“, вели Брук.
Biz-leisure можеби е нешто ново, но користењето облека како одраз на нашата внатрешна состојба или да влијае на нашата внатрешна состојби, не е ништо ново. Модата што ја избираме е репрезентативна за нашио идентитет, како се гледаме себеси. Од една страна сме навикнати да се облекуваме во деловен дрес-код, ако тоа тоа професијата го бара, но некогаш, барем еднаш неделно, бараме бегствово во удобноста, како начин да се почувствуваме поудобно во ова време на страв и желба за комфорноста што го носеше животот „порано“.
ПРОЧИТАЈТЕ:Мода во време на корона – #СедиДома и носи тренерки
Нема коментари