Годинашниот добитник на „Оскар“ за најдобар филм, „Човекот-птица“, од утре ќе се најде на репертоарот на скопските кина „Синеплекс“ и „Милениум“. Црната комедија на мексиканскиот режисер Алехандро Гонзалес Инјариту, во кој главната улога ја игра Мајкл Китон, на овогодинешноо доделување „Оскари“ освои четири златни статуетки. Награден е во категориите за режија, за оригинално сценарио, за фотографија (камера) и за најдобар филм на годината. Мајкл Китон во филмот „Човекот-птица“ игра остарен актер кој се обидува да си ја врати славата и да ја постави претставата на Бродвеј „За што зборуваме кога зборуваме за љубовта“, заснована на збирката раскази од американскиот писател Рејмонд Карвер. Прогонуван е од ликот на суперхеројот „Човекот-птица“ што го направил популарен на почетокот од кариерата. Во деновите и во ноќите пред премиерата тој продолжува да се бори со своето его и се обидува да го врати своето семејството, кариерата и самиот себе. Не е случајно тоа што главната улога ја толкува токму Мајкл Китон, чијашто кариера, исто така, е одбележана со улогата на суперхеројот Бетмен, а кој во последниве години немаше некои значајни остварувања. Освен Китон, Инјариту собра исклучителна актерска екипа – Едвард Нортон, Зак Галијафијанакис, Ема Стоун и Наоми Вотс. Филмот „Човекот-птица“ претставува извонреден пресврт во кариерата на Инјариту, не само затоа што тој во овој проект се јавува како режисер на својата прва комедија, туку и зашто филмот е еден вид технички предизвик, бидејќи е составен од многу долги кадри кои се беспрекорно измонтирани за да се добие впечатокот дека целиот филм е еден непрекинат кадар. Се разбира, овој подвиг би бил невоможен без директорот на фотографија, одличниот Емануел Лубецки, заслужен за филмовите како „Заспаната долина” на Тим Бартон, „Дрвото на животот“ на Теренс Малик и „Гравитација“ на Алфонсо Куарон, за кои доби Оскар. Мексиканскиот режисер својата слава и углед ги стекна благодарение на филмовите од т.н. трилогија на смртта: „Amorres peros“, „21 grams“, „Babel“, како и филмот „Biutiful“.
Нема коментари