Поп-иконата Бијонсе ги претрка Барак Обама, папата Францис и Мајли Сајрус и е прогласена за највлијателна личност на годишната листа на магазинот Time. Тоа ѝ донесе насловна страница, но списанието понуди уште три насловни опции – со актерот Роберт Редфорд, со Џејсон Колинс, првиот НБА- кошаркар кој призна дека е геј, и со Мери Бара, генерален директор на компанијата General Motors. Покрај четворицата од насловните, на листата се најдоа и пакистанската активистка Малала Јусуфзаи, уметницата Марина Абрамовиќ, музичарот Фарел Вилијамс, и други личности од светот на политиката, забавната индустрија, филантропијата, литературата и деловниот свет, како и неколку ликови од модата. На пописот на светски икони е супермоделката Кристи Тарлингтон Бурнс, која и денес повремено се впушта во манекенски ангажмани, но повеќе е активна со својата хуманитарна работа.
Потоа тука е дизајнерката Фиби Фајло, креативна директорка на брендот „Селин“. Британската дизајнерка и дипломец на престижната модна школа „Сент Мартинс“, претходно работеше за „Клое“ и Стела Макартни, а нејзината колешка и поранешна соработничка Макартни за Time изјави: „Таа е една од малубројните дизајнери кои се борат за едноставност и реалистичност во женската гардероба.“
Од модниот свет на листата е бизнисменката Натали Масенет, основач на онлајн-продавницата Net-A-Porter, најуспешниот производ за продажба во својата категорија. Масенет успеа интернет продавницата да ја прошири во неколку нови сектори како Outnet.com, машкиот сајт Mr.Porter, онлајн магазинот The Edit и новиот принт магазин Porter.
Нема коментари