Модната етиката Bella иницира едномесечна хуманитарна акција наменета за жените жртви на трговија со луѓе. Донирањето е во склоп на настаните и активностите поврзани со одбележувањето на вториот роденден на Skopje City Mall. Bella ги поканува своите клиенти да бидат хумани и да донираат облека, а за возврат ќе добијат 10 отсто попуст на парчињата од новата колекција. Акцијата ќе се одвива во периодот од трети октомври (петок) до 3.11.2014 во трите продавници на Bella во Скопје: во Градски трговски центар, Skopje City Mall и во Буњаковец.
-Со почетокот на новата сезона, сите сакаат некое ново парче облека кое ќе ни го разубави гардероберот, и многумина ќе го добијат токму тоа, но за жал постојат и жени за кои новата сезона не значи и подновување. Жените жртви на трговија со луѓе се припаднички на една од најзагрозените групи во општеството, на кои секаква помош и поддршка им е добредојдена. Токму поради тоа, во екот на новата сезона Ве повикуваме на симболичен начин да дадете свој придонес за обрнување внимание на овој реален проблем кој нѐ опкружува и со тоа барем за миг да им го разубавите животот на најзагрозените-велат од Bella.
Донираната облека ќе биде наменета за жените згрижени во Државното прифатилиште за жени и деца жртви на трговија со луѓе, во соработка со здружението на граѓани Отворена порта, кое од 2000 година се занимава со дејност поврзана со оваа проблематика. Оваа хуманитарна акција ќе биде втора иницијатива на Bella за групна материјална помош наменета за жртвите на трговија со луѓе и остварена во соработка со Отворена порта, а првата се одржа на Денот на жената, 8 Март.
Нема коментари