По летната пауза „Јавна соба” продолжува со циклусот тематски вечери и работилници „Вкусот на Скопје”, а на 6 септември на мени е белгиската кујна приготвена од Белгиецот со македонско потекло Марк де Јонг
Храната е еден од најзначајните елементи на белгиската култура. Фактот што во Белгија има најмногу сконцентрирани ресторани со Мишелин ѕвезди во Европа, укажува на вистински познавачи на добра кујна и хедонистички став кон животот. Белгијците генерално преферираат големи порции на добро зготвена, налик домашна храна (по македонски манџа). Земјата е лингвистички и културно поделена на два дела и тоа значитално е изразено во поглед на храната. Фламанскиот дел е под влијание на холандската и другите северни кујни, а Валонија е целосно изложена на француски стилови на готвење, односно храна со повеќе интензивни сосови и зачини. Месото, рибата и компирот се сметаат за основа на белгиската кујна, но десертите и чоколадите се нивна специјалност. Покрај добро познатите белгиски пива (Leffe, La Chouffe, Duvel и други) кои дневно се козумираат во хектолитри, Белгијците имаат истенчен вкус и за вино. Белгија, како и Холандија, не е производител на вино, но е огромен вински конзумент.
Белгиецот Марк де Јонг за оваа пригода со тимот на млади готвачи од „Јавна соба“ подготвуваат едно типично белгиско мени: супа од зеленчук со крцкава сланина, гратинирана цикорија со шунка и кашкавал во бешамел сос, телешка карбонада со белгиско „ступм” пире и познатата бриселска шеќерна торта. На овој начин опфатена е храна од сите 3 региони во Белгија.
Пoвеќе информации за целиот настан може да се најдат на: http://publicroom.org/landingpages/belgian-dinner-at-public-room.html
„Јавна соба” во сезоната есен-зима 2016 ќе претстави 8 тематски вечери и работилници за храна во соработка со повеќе компании, амбасади и бизнис центри. Целта на сите овие кулинарски настани е да се внесат што повеќе новитети и да се подигне нивото на гастрономијата во земјава, односно да се освежи домашната кујна.
Нема коментари