Дваесетина дизајнери на облека, накит и други додатоци ќе учествуваат на базарот на ракотворби што ќе се одржи во рамки на фестивалот „Прво па женско #3“, од 6 до 8 март во Младинскиот културен центар. Настанот, кој е во организација на Tiiiit! Inc, ќе опфати низа активности, проекции на филмови, предавања, работилници, забави, перформански и концерти, сè со цел поддигнување на свесноста за правата на жените, по повод 8ми Март.
На базарот, кој и оваа година ќе биде стациониран во холот на МКЦ ќе бидат промовирани ракотворби направени од и за поинаквите жени и мажи. Одлична можност да (си) купите поклон за 8ми март. Најавено е учеството на ATAMI, Em Ellephantski, Isnogood, BlackFox, Глигор Кузмановски, WizArt, LUDUS, Плетени колачиња, Just Because, M’Crafts, Windmillshop, Mei Ro, Илина Поповска, Damaja, Soro Jewelry, Ѓорѓе Јовановиќ, UrbanBehavior и Наде Димушевска.
„Прво па Женско“ е иницијатива што има за цел да поттикне одново промислување на значењето на 8ми март – Меѓународниот ден на жената. Со одоново поставување на прашањето за положбата на жените во нашето современо општество, овој градски настан отвора неексклузивен простор за конструктивна дебата за околностите во кои денес живее жената чиј што профил, интереси, ставови и лични заложби за самоостварување се спротиставуваат на традиционалните стереотипи, за размена на знаења и вештини и нови можности за соработка и вмрежување.
Не ограничувајќи го контекстот на едно подрачје/теорија (феминизам, еднакви права…), „Прво па женско“ нуди целодневна програма составена од активности кои нудат можност за остварување на заеднички (не исклучиво женски или исклучиво машки) поглед и подлабоко разбирање на состојбите. Основната цел на фестивалот е отворање простор за унапредување на позитивниот став кон активноста на оние кои јавно го поставуваат женското прашање и дејствуваат во насока на подобрување на политиките кои во фокусот ја имаат жената.
Фестивалот има цел да поттикне препознавање, континуирано следење и вреднување на активна женска сфера во Македонија, но и да ги поттикне нејзините актери на поактивна и проактивна соработка и вмрежување. Програмата на настанот е концепирана како отворено поле за претставување и креативна размена на активните жени денес – оние кои од најразлични позиции теоретски се занимаваат со прашањата на родот, но и оние кои јавно се застапуваат и се обидуваат да влијаат на подобрувањето на политиките кои се однесуваат на жената, како и жени кои автентично се промислуваат себеси и својата улога во општеството, изразувајќи се во сферата на различните уметности.
Нема коментари