Додека модната индустрија е зафатена со пофалби за деби колекцијата на Демна Гвасалија за модната куќа „Баленсијага“, повеќе жители и вљубеници во мода од Тајланд реагираа на големите волуменозни торби во шарени пруги од колекцијата за есен-зима 2016/17, кои многу потсетуваат класичните пластични пазарски торби наречени „сампенг“, што многу често ги користат тајландските трговци за пренесување на робата. Жителите на Тајланд прво реагираа на социјалните мрежи споредувајќи ги моделот на „Баленсијага“ со евтините торби, потоа некои од локалната модна сцена шеговито постираа фотографии со традиционалните шопинг торби кои не чинат повеќе од две евра, за да на крај се јави и Одделот за интелектуална сопственост на Тајланд.
На прес конференција се огласи Нантаван Сакункарн, генерален директор на Одделот за интелектуална сопственост при Министерството за трговија на Тајланд од каде велат дека торбите на „Баленсијага“ не се копии. „Виножито-торбата се користи во Тајланд подолго време, но не е нелегално да се однесе во Европа, бидејќи не е плагијат. Ако некој има намера да ја копира, материјалот, шарата, формата и бојата мора да бидат исти“, се вели во соопштението и се нагласува дека не постои лажно користење за заштитен знак или бренд.
Нантаван потсетува дека креаторот на шопинг кесите во бои на виножито што традиционално се прават од пластика и најлон, е непознат, а торбата се користи не само во Тајланд, туку и во други азиски земји со децении. „Така што, многу малку е веројатно дека некој може да ја тужи куќата „Баленсијага“, бидејќи материјалите и формите се различни“.
Грузискиот дизајнер Гвасалија кој сега креира за „Баленсијага“ смета дека негова главна грижа е дизајнот да биде функционален. Тој за The Cut изјави: „Мојата намера не е да направам сосема нова облека, или облека што треба да биде во музеј, сè додека нешто е практично и некому му треба во гардеробата, за мене модата има смисла“.
Ова не е првпат да се позајми стилот на големите пластични пазарски торби, во 2013 година Фиби Фајло во колекција на „Селин“ вметна слични торби со карирарана шара, кои многу потсетуваат на кеси од кинеското секојдневие.
Погледнете како на Инстаграм како реагираа модните блогери, неколку познати актерки и младите во Тајланд на дизајнот на „Баленсијага“ – тие се шегуваат дека се повторно кул за многу малку пари. (K.T.)
Нема коментари