В четврток дизајнерката Антонија Ристовска со модна ревија ќе ја претстави новата колекција наречена Art en Deco и воедно ќе одбележи 20 години творење и работење на нејзиното модно ателје. Колекцијата наменета за сезоната пролет-лето 2014 ќе биде претставена во скопскиот трговски центар „Капитол мол“, а самиот наслов најавува дека креаторката за инспирација отпатува во почетокот на минатиот век и се впушти да го истражува арт деко стилот. Неколку дена пред самата ревија ја прашавме Антонија за темата на колекцијата и референците што ги употреби во креирањето.
- Инспирацијата за творење е возвишено дејание и нè води на едно патување низ времето со флуидно влегување од деценија во деценија, од форма во нова форма, од еден стил во друг стил. Најновата колекција ми е инспирирана од стилот во модерната архитектура кој почнал да се создава во почетокот од 20 век, познат како арт деко движење, под влијание на движењата на модернизмот, кубизмот, футуризмот и функционализмот. Арт декото како правец кој многу брзо е прифатен и во новите технологии и во индустрискиот дизајн и во дизајнот на облека кој и денес го дава модерниот изглед, што е потврда за неговата безвременост и неисцрпна инспиративност – ја откри дизајнерката почетната инспирација за новата колекција.
Антонија вели дека во создавањето на новите креации ја воделе потребата за промена и за нов модерен изглед на жената од денешницата. Почнувајќи од арт деко движењето, од кое земала инспирации во облик на архитектура на орнаменти, геометрија, енергија, ретроспектива, оптимизам, боја, текстура, светлина и симболика, дизајнерката прави креациите во кои се забележува тродимензионалност, искажана длабочина и текстура во самите апликации.
-Кроевите ја нагласуваат женственоста изразена во строги и во меки линии. Изразени се контрасти во комбинирањето на боите и материјалите. Во изработката применета е техника на Hand made подготовка пред машинско шиење. Стилски колекцијата е минималистичка и е во духот на 60-тите и 80-тите години. За колекцијата се изработени брендирани копчиња и парчиња накит. Со најновата колекција „Ателје Антонија“ слави 20 години творење инспиририрано од жената – ни кажа дизајнерката.
Презентацијата на колекцијата ќе се случи во новиот трговски центар „Капитол мол“, кој на третиот кат има тераса во модернистички арт деко стил, со што според дизајнерката просторот одлично се вклопува во темата на колекцијата.
-Со мало надополнување преку сценографијата просторот ќе биде соодветен за модната ревија. Стајлингот на манекенките ќе биде елегантен и софистициран. Музиката за ревии со години наназад му ја доверувам на Младен Марковиќ, етномузиколог и професор на Музичката академија во Белград – ни откри Антонија.
Модната креаторка која годинава прослувува 20-годишен јубилеј стана препознатлива по креациите во кои негува елеганција, нагласена женственост и употреба на деликатни ткаенини, во новата колекција воведува помодернистички стил.
-Но, и со оваа колекција останувам доследна на мојот стил, ја негувам елеганцијата и женственоста во моделите. Елементи кои се карактеристични за арт деко стилот се геометриски форми, посебни бои и текстури, а за колекцијата ја одбрав коцката, квадратот, правите и меки линии изразени преку 3Д форми. Создавањето на брендот Антонија Ристовска трае 20 години. Задоволна сум што се позиционира на македонската модна сцена како препознатлив бренд. Исто така, задоволна сум што ателјето постојано дава своја свежина со нои идеи и нови колекции во континуитет од 2002 година, па наваму. Горда сум на колекцијата „Родена“ од 2005 година. За таа колекција создадов креации кои носат обележја од македонската традиција и креации кои ја докажуваат својата безвременост со тоа што сè уште се подготвуваат по нарачка во моето ателје. Како значајни моменти се и бројните контактни со клиенти од Македонија и надвор од неа. Особено сум горда што останав доследна на мојот стил на работа и почитување на вистинските вредносто во животот – вели Антонија.
Според зборовите на креаторката во моделите од новата колекција ќе се пронајдат девојки и жени кои го негуваат елегантниот стил, но сакаат да изгледаат моќно и да се одвојат на уникатен начин. Иако неодамна се одржа „Моден викенд-Скопје“, на кој вообичаено и Ристовска прикажува колекции, овојпат таа одлучи да се претстави со самостојна ревија. Брендот одбележува убав јубилеј, а ја доби поддршката од „Пелистерка“, „Авон“, „Офис плус“, „Дијаг“, „Бирократ кафе“, Студио Леонтиќ, Студио Cool Cut и „Капитол мол“. (К.Т.)
Нема коментари