Раскошот на природата во пролет, како и беспрекорната жена, која со својата појава и љубов му дава боја на животот, биле инспирација за колекцијата Garden за пролет-лето 2015 на дизајнерката Антонија Ристовска.
-Инспирацијата која ме водеше во текот на создавањето на целата колекција е беспрекорната жена, жена која со својата природа и љубов му дава боја на животот, жена ослободена од предрасуди, жена космополит. Во колекцијата се издвојуваат две подлинии кои се во елегантен-глам стил, со допир на духот од 50-тите и 70-тите. Едната е романтична во пастелни тонови, со дизајни на полско цвеќе, рајска градина и птици, додека другата е со геометриски дизајни кои како мотиви беа аплицирани во мојата претходна колекција Art en Deco, а сега се во комбинација со големи акварелни цветни композиции инспирирани од романтиката на Art Nouveau. Во двете подколекции на креациите се работени рачни везови со пролетни мотиви, магнолии, птици… Рачни везови се застапени и во венчалните фустани, а кај некои има апликации во боја. Кроевите се реекспресија на кроеви препознатливи за брендот, а при креирање на моделите користена е техниката мулаж-вели Ристовска.
>>Кои се спецификите на колекцијата, какви бои, материјали и форми се застапени?
-Колекцијата брои 23 парчиња, доминираат коктел тоалети и венчални фустани, а застапени се и блузи, здолништа и пантолони. Како модни додатоци рачно е изработен накит и додатоци за во коса со цветни мотиви. За сезоната пролет лето 2015 нашата муза – модерната жена, е обоена во боите на природата, пастелни и нежни тонови на крем, праска боја, нежно сина, розева, во боите на магнолиите и полското цвеќе, во бојата на сонцето. Куриозитет на колекцијата е дизајнот на материјалите кој е единствен и посебно создаден за потребите на колекцијата. Брендот „Антонија Ристовска“ секогаш бил препознатлив по користењето на квалитетни материјали. Па така за потребите на оваа колекција заедно со италијански графички дизајнер создадов дизајни на материјали кои се поизведени и се печатеа во Италија. Сите дизајни се печатени на природна свила и се со потпис на „Антонија Ристовска“.
>> Викендов со тандемот Ани и Дими направивте фотосесија за Garden, каде што како модели се појавуваат манекенката Маја Ристевска и младата пејачка Јана Бурческа. Колку фотосесијата и моделите успеаа да ја доловат приказната од колекцијата, дали си задоволна од соработката?
-Со Ани и Дими имаме долгогодишна соработка и за потребите на брендот имаат направено неколку успешни фотосесии. Овој пат фотосесијата ја направивме во комплексот „Верина”, кој има прекрасно уредена површина и уреден станбен простор. Амбиентот е во royal style и се вклопи во мојата замисла за претставување на колекцијата… Со познатиот топ-модел Маја имаме долгогодишна соработка, ова е трета фотосесија во која го претставува ликот на новата жена на брендот „Антонија Ристовска“, а како модел на писта секогаш била една од најдобрите манекенки која на одличен начин ги претставувала моите креации. Со Јана исто така имаме долгогодишна соработка, но овој пат за првпат во ваква форма. Таа со воодушевување ја прифати поканата да биде заштитно лице на колекцијата. Брендот АР стои зад изгледот на Јана во повеќе наврати, за јавни настапи, како на Скопскиот фестивал, така и за други манифестации. Целата атмосфера за време на фотосесијата беше уживање за работа. Секако морам да го напоменам и Даниел Николовски кој се погрижи за фризурата и шминката на девојките, и „Ателје плус“, кои се погрижија за цветниот аранжман.
>> Дали покрај фотосесијата имаш во план поинаква промоција на колекцијата, на некој моден настан, недела, изложба…?
-Промоцијата на колекцијата е преку фотографии и видеоматеријал. Имам покана за учество на неколку модни настани надвор од Македонија и можно е да ја претставам на некој од нив.
>> Минатата сезона претстави колекција со маици со принтови со илустрации од твоите претходни колекции. На каков прием наиде линијата со маици и колку тоа ти е поттик да се задржиш на креирање на колекција за секојдневна облека?
-Одличен е приемот на блузите со принт, а и фидбекот од клиентките е дека со задоволство ги комбинираат за различни пригоди. Ме привлекува креирање секојдневна мода и верувам дека со нова инспирација повторно би направила нова колекција за секојдневна облека.
>> Во меѓувреме ја лансира својата онлајн продавница. Колку си задоволна од работата на истата и од каде доаѓаат најмногу нарачки? Се купува ли во Македонија онлајн?
-Во моментот кога одлучив да отворам онлајн продавница повеќе ме водеше тоа што ваков тип на продавница ќе биде излог на ателјето кон поширока модна публика, особено што се повеќе информации се добиваат преку интернет. Па по цена и да немаме продажба. Но, на мое задоволство имаме. Полесно се продаваат модни додатоци, а за облеката некои клиентки откако ќе си одберат парче доаѓаат кај нас да пробаат и го купуваат парчето. Ги разбирам во потполност, бидејќи покрај дизајнот што привлекува, облеката треба и добро да легне на телото. Сè уште сме во почеток со работата на онлајн продавницата и со тек на време очекувам да има поголеми резултати.
>>Ова е сезона на свадби и матури. Какви венчаници односно матурски модели препорачуваш за оваа година. Што би ги советувала идните невести и матурантки во однос на изгледот?
-Во најновата колекција за оваа сезона на идните невести им предлагам венчаници кои имаат детали во боја, со женствен крој, кој секако прилега најдобро на нивната фигура и карактер. Матурантките ни се посебни клиентки и знаеме дека матурската вечер за нив е многу важна, па секогаш им одвојуваме внимание и ги советуваме при избор на моделот. За оваа сезона предлогот е долг фустан кој може да биде во поромантичен стил или тоалета со рачен вез. Мојот совет е, без разлика за кој стил ќе се одлучат, да си го задржат младешкиот и природен изглед и да се водат по девизата на легендарната Coco Chanel – less is more. Тоа може да се види и во креациите од новата колекција, каде се истакнати едноставноста и женственоста, надополнети со дискретни везови и накит.
Нема коментари